top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Македонска премиера на оркестарска верзија на „Македонисимо“

29.03.2024 Mart Petok

На големата сцена на Македонската филхармонија на 31 март и 1 април од 20 часот ќе се одржи македонската, а воедно и балканска премиера на оркестарската верзија на „Македонисимо“, успешен музички проект на нашиот светски познат пијанист Симон Трпчески и пријателите. Ова претставување со нашиот Камерен оркестар АЈГА, во соработка со КултурОп, се случува по исклучително успешната светска премиера на „Македонисимо“ минатата година во, веројатно најпрестижната концертна сала во светот, „Музикферајн“ во Виена, заедно со Тонкунстлер оркестарот од Австрија под диригентската палка на нивниот шеф-диригент, маестро Јутака Садо.

Македонисимо/оркестарска верзија се базира врз транскрипции на македонска традиционална музика од нашиот композитор Панде Шахов, во соработка со Симон Трпчески.

Како што истакна екипата уште од почеток на реализацијата, овој проект му го посвети на македонскиот народ. Дека почитта е заемна, публиката покажа и на квинтет-изведбите на проектот низ земјава, на отворено, почнувајќи од село Збажди, на планината Караорман, преку Скопје, Битола и Штип, заклучно со струмичкото село Секирник, на кои овациите кажуваа сè.

„Овој пат, финесите на филигрански осмислениот и изведен проект, во оркестарското концертно исчитување нудат уште повозвишен приказ на богатството на македонската музичка традиција. За тоа, на сцената на Македонската филхармонија ќе се погрижи Квинтет Македонисимо (во состав: Симон Трпчески на пијано, Хидан Мамудов на кларинет, саксофон и кавал, Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело и Влатко Нушев на удиралки. заедно со Камерниот оркестар АЈГА, под диригентската палка на Ана Спасовска.

Специјални гости на вечерта ќе бидат и Владимир Крстев на виолина, Александар Димитров и Паскал Краповски на виолончело.

Инаку, иако концертот беше закажан само на 1 април поради голем интерес и распродаден прв настап, Камерниот оркестар „АЈГА“ во соработка со КултурОп организираше и втор концерт на 31 март.

Двете  концертни вечери ќе го означат и стартот на првото издание на Скопје интернационалниот музички фестивал што го организира Камерниот оркестар АЈГА.


0 views

Комментарии


bottom of page