Македонска премиера на краткиот филм „Прошетка“
21.05.2024 Maj Vtornik
Низ солзи и смеа во новоотвореното кино „Киноверзум“ во Кисела Вода се одржа македонската премиера на краткиот филм „Прошетка“ на режисерката и сценаристка Елеонора Венинова.
Низ емотивни излагања по филмот, членовите од екипата зборуваа за текот на снимањето и за предизвиците на снимање на филм во еден кадар.
– Среќна сум што две години после снимањето и учествата на меѓународни фестивали конечно може да го споделиме филмот со македонската публика. Работев со прекрасна екипа во текот на три исцрпувачки, но забавни денови во кои направивме филм кој во еден непрекинат кадар раскажува приказна за мало девојче кое низ разговор со непозната жена се обидува да открие што се случило со нејзината баба. Воедно бев и продуцент на филмот, така што ова беше едно навистина поинакво искуство, вели Елеонора Венинова.
Главните улоги ги толкуваат Билјана Драгичевиќ Пројковска и младата Надиа Кирковска, директор на фотографија е етаблираниот македонски кинематографер Фејми Даут, а филмот го продуцира Венинова заедно со Гоце Кралевски преку ТРИ ТОЧКИ продукција.
– Ваквите ликови се најтешки за игра бидејќи секој од нас има свое видување за тоа што значи, како се доживува и интерпретира лик од другата реалност. Предизвикот е голем затоа што преку личното треба да се стигне до општото, да се доближи интимната слика до генералното чувство. Во ова патување пресудна беше играта во играта, преку која со прекрасната режисерка Елеонора и малата талентирана Надиа стигнавме до посакуваното видување, преку ова заедничко патување, заедничка игра меѓу видливото и невидливото, вели главната глумица Билјана Драгичевиќ Пројковска.
Ова беше прво прикажување на краткометражниот филм во Македонија по светската премиера на престижниот Фестивал за краток филм во Леувен, Белгија. После овој фестивал „Прошетка“ ја имаше американската премиера на фестивалот СЕЕФест во Лос Анџелес, а се прикажа и во Шпанија на Интернационалниот фестивал во Паленсија, на сите во официјална конкуренција.
Сценографијата е на Александра Петкова, костимографка е Жаклина Крстевска, шминката е на Ирена Сенокозлиоска, камера оператор и колорист е Ѓорѓи Клинчаров, дизајнер на звук Дарко Спасовски, монтажер Гоце Кралевски, а композиторка на музиката е Мартина Силјановска. Филмот е финансиран од Агенцијата за филм, во продукција на Три точки и во соработка со ДНФ Филм и Вардар Филм.
Comments