Македонска литературна вечер во Москва
Во Москва деновиве се одржа македонска литературна вечер на која руската преведувачка и афирматорка на македонската култура Олга Панкина ги продолжи активностите од проектот „Читај ја Македонија!”. Со цел да ја популаризира македонската литература во Русија, Панкина одржа литературна средба во Центарот за словенски култури при Серуската државна библитека за странска литература и онлајн, во согласност со состојбата со коронавирусот.
Настанот беше отворен со омаж за Блаже Конески по повод јубилејот 100 години од неговото раѓање, и со читање поезија на Конески во препев на руски јазик. „Крајот на годината е добро време за сумирање на резултатите од изминатата година и споделување планови за наредната“, рече Олга Панкина.
Таа ги претстави изданијата од македонски автори кои беа објавени во Русија во 2021 година – „Недела” на Ермис Лафазаноски, кој е петти македонски роман преставен во едицијата „Сто словенски романи” на Форумот на словенските култури, во издание на Центарот за книга „Рудомино”, и книгата за деца „Друга мајка” на Драгица Најческа.
Списанието „Преведувач” ја отпечати драмата „9” на Гоце Ристовски, а издавачката куќа „У Никитских ворот” објави „Три драми за театарот” – избор пиеси од Венко Андоновски. Актери од театарот „Город”, кои беа на настанот, прочитаа фрагменти од пиесите што ги содржи новата книга: „Словенски ковчег”, „Олово на перницата” и „Граница”.
Зборувајќи за плановите, Панкина истакна дека во 2022 година би сакала покрај романот „Фантомско стапало” на Блаже Миневски, кој веќе го преведува, да ги претстави и младите македонски автори, како и македонските приказни од ризницата на македонското народно творештво. Присутните на македонска литературна вечер во Москва ги поздрави Оливера Чаушевска-Димовска, в.д. амбасадор на нашата држава во Руската Федерација.
Comments