Македонска вечер со „Профундис“ и пијанистката Ема Попивода ќе се одржи на „Котор Арт“
Македонскиот камерен оркестар „Профундис“ заедно со виртуозната пијанистка Ема Попивода како солист на 30 јули ќе настапат на интернационалниот музички фестивал „Котор Арт“ во Котор, Црна Гора.
Ова е уште едно во низата интернационални гостувања на „Профундис“ ова лето, по спектакуларниот настап на сцената на престижниот фестивал „Раванелиус“ во Србија.
– Навистина сме среќни што ја имаме честа да го споделиме нашето музичко творење со публиката во Црна Гора. Фестивалот „Котор Арт“ ги спојува најпрестижните уметници, како од регионот, така и од светот, и важи за фестивал со реноме, па затоа поканата да бидеме дел од официјалната програма претставува вистинска чест и задоволство и несомнено значаен момент во нашата уметничка кариера – изјави маестра Ѓурѓица Дашиќ, уметнички раководител и диригент на „Профундис“.
Инаку, фестивалот „Котор Арт“ со своето 21-годишно постоење се смета за еден од најголемите и најзначајни фестивали на уметноста во Црна Гора и регионот. Секоја година фестивалот е домаќин на впечатлив број меѓународни уметници, а со над 200 програми на различни локации во Котор и заливот Бока Которска, привлекува милиони посетители, со што е еден од најпосетуваните фестивали во регионот.
Камерниот оркестар „Профундис“ е уметнички состав кој постои веќе четири години и чии цели се промоција на квалитетот и особеноста на изразот со посебен акцент на оригиналноста на сите концертни изведувања. Во него членуваат едни од најистакнатите македонски инструменталисти што се дел од двата професионални оркестри во РСМ, Националната опера и балет и Националната филхармонија.
Comments