Македонскaта книжевност на „Првите линии на светската литература“
- Aleksandar Santovski
- Jan 18, 2023
- 3 min read
Писателката Софија Поповска на интернет-страницата на реномираниот журнал „Асимптота“ (Asymptote), наменет за литературни преводи на дела од цел свет, ги застапува случувањата на македонската книжевна сцена, и на тој начин ја афирмира македонската литература. Токму пред неколку дена, поточно на 13 јануари, во рамките на журналот беше претставен нејзиниот текст за објавувањето на јубилејното издание на провокативниот роман на Јован Павловски „Сок од простата“
Неколку македонски книжевни настани, кои се случија во изминатите месеци беа претставени и во рубриката „Првите линии на светската литература“ на интернет-страницата на реномираниот журнал „Асимптота“ со седиште во Сингапур. За нив, надвор од границите на државата, читателите дознаа од известувањето и освртот на македонската писателка Софија Поповска. Овој журнал е врвна страница наменета за литературни преводи на дела од целиот свет.
Поповска која е волонтер – уредник во овој журнал, ги застапува случувањата на македонската литературна сцена, а со тоа и ја афирмира македонската литература во светски рамки. Токму пред неколку дена, поточно на 13 јануари, во рамките на журналот беше претставен нејзиниот текст за објавувањето на јубилејното издание на провокативниот роман на Јован Павловски „Сок од простата“. Овој текст на Поповска е третиот објавен во журналот „Асимптота“, овој пат заедно со текстовите на авторите од Палестина и Кина, како дел од три-топ литературни настани за претходната недела.
„Оваа недела нашите уредници известуваат за контроверзниот роман од македонски автор, тестаменти од Палестина, како и за поп-ѕвезда од Кина која што станала писател. Од субверзивен еротизам до детали за животите на работниците мигранти, овие писатели им пркосат на стандардите за да ја осветлат вистината на нивната реалност. Прочитајте за да дознаете повеќе!“, пишува журналот „Асимптота“.
Инаку, мисијата на „Асимптота“, како што пишува самиот журнал е едноставна: „да ги отклучи книжевните богатства на светот“.
„До денес, нашето списание има објавено дела од 121 земја и 103 јазици, досега необјавена поезија, фикција, нефикција, драма и интервјуа на писатели и преведувачи“, стои меѓу другото во објаснувањето на журналот.
Во 2015 година, Asymptote стана основачки член на мрежата за книги на британски „Гардијан“ (The Guardian’s Books Network) со „Преведувачки вторник“, неделна изложба на нови литературни преводи што може да ги прочитаат пет милиони следбеници на интернет-страницата.
„Секогаш заинтересиран за олеснување на средбите меѓу јазиците, „Асимптота“ ги претставува преводите заедно со оригиналните текстови, како и аудиоснимки од тие оригинални текстови секогаш кога е можно… За да го катализира преносот на литературата уште повеќе, Asymptote нарачува и преводи на текстови на други јазици освен англискиот, со што се ангажираат други јазични заедници … Целата работа што ја објавуваме потоа се дистрибуира бесплатно преку осум платформи за социјални медиуми на три јазици, преку посветен тим за социјални медиуми, како и преку нашата постојано проширена мрежа на уредници на шест континенти“, велат меѓу другото од журналот „Асимптота“.
Софија Поповска досега на страницата на овој журнал има објавен и текст за промоција на книгата „Идентитетот е приказна“ од Иван Антоновски, објавена од издавачката куќа „Полица“ по повод 70 години од раѓањето на Горан Стефановски. Како што се вели меѓу другото во освртот на страницата на ‘Асимптота’, оваа книга „претставува детална анализа на неговото есеистичко творештво, фрлајќи ја потребната светлина врз дел од неговиот опус на кој претходно не му беше посветено големо внимание“. Со освртот на Софија Поповска за книгата „Идентитетот е приказна“, нашата земја за првпат се најде во изборот од топ три книжевни настани што го објавува овој реномиран журнал.
Поповска исто така објави и текст во кој се осврнува на “Диво месо“ една од најпознатите драми на Горан Стефановски.
Инаку, специјалното деветто јубилејно издание на Winter 2020 година на “Asymptote” го содржи и делото „За азбуката на соништата: Писмо до Карл Густав Јунг“ на академик Катица Ќулавкова во делот за нефикција. Ова е прво онлајн објавување на англискиот превод на овој пролог на нејзиниот последен роман/кратка фантастична книга „Сонот е живот: 1001 фикција“ (Dreaming Is Living: 1001 Dream Fictions), 2014 година.
Реномираниот електронски журнал „Асимптота“, доминантно е посветен на преводот на светската книжевност. Во 2015 година, на Лондонскиот саем на книгата, „Асимптота“ ја има добиено Наградата за меѓународна иницијатива за книжевен превод. (Д.Т.)

コメント