Македонија ќе има шестмина таеквондисти на јуниорското ЕП
Македонија ќе биде дел од претстојното Европско првенство (ЕП) за јуниори во таеквондо, кое од денеска до сабота треба да се одржи во главниот град на Естонија, Талин. Боите на Македонија на ова ЕП ќе ги бранат шестмина надежни натпреварувачи, Филип Блажевски (категорија до 63 кг), Андреј Василевски (до 55 кг), Дарко Георгиев (до 73 кг), Дамјан Рајковски (до 48 кг), Христијан Симоновски (до 59 кг) и Лука Ангелов (до 68 кг) сите членови на ТК Бутел од Скопје. – Ова е една нова генерација што дава надеж за иднината во овој спорт, оти во неа има квалитет, но тоа ќе биде недоволно за висок дострел ако не се работи постојано со неа. Неблагодарно е да се издвои некој, кој би имал најголеми шанси, оти тоа би направило одреден притисок кај истиот тој, а и другите би се почувствувале непријатно. Но, како и да е, секој има можност да стигне да се бори за медал. Би им посакал среќа и по можност некој да се врати и со медал на градите. Јуниорската таеквондо-репрезентација ги одржа базичните подготовки за претстојниот настап во Крушево, имавме по два кампа и во Охрид и надвор од Македонија – вели претседателот на Македонската таеквондо-федерација (МТФ) и селектор на репрезентацијата, Борче Костовски.
За разлика од јуниорското Светско првенство (СП), на ЕП за јуниори, Македонија досега нема освоено медал. – На ЕП за јуниори, на борба до медал стигнале Филип Додевски и Дејан Горгиевски, додека на СП во Тунис во 2018 година само јуниорката Анамарија Георгиевска се закитила со бронзен медал, што претставува и најголем успех за Македонија во оваа конкуренција – рече Костовски. Г.И.
Comments