Македонија ќе има седум претставници на ЛОИ во Париз
15.07.2024 juli Ponedelnik
ЛЕТНИ ОЛИМПИСКИ ИГРИ
Ѓуретановиќ и Петровска добија т.н. вајлд-карта од Светската пливачка федерација. Претходно пласман на Игрите во Париз (Франција) обезбедија Егоров (борење), Шерифовски (џудо), Мојсовска (стрелаштво), Рељиќ (таеквондо) и Ивановски (атлетика)
Пливачот Никола Ѓуретановиќ и пливачката Ева Петровска ќе настапат на Летнитe олимписки игри (ЛОИ) во Париз (26 јули-11 август), откако добија т.н. вајлд-карта од Светската пливачка федерација (ФИНА). Ѓуретановиќ ќе плива на 27 јули во квалификациите на 400 метри слободно, а Петровска на 2 август, во трката на 800 метри слободно. Македонија на ЛОИ 2024 ќе има вкупно седум претставници.
Претходно пласман на Игрите во Париз (Франција) од македонските спортисти обезбедија борачот Владимир Егоров (турнирот е од 5 до 10 август), кој ќе настапи со олимписка А-норма, носител е на бронзен медал од Европското првенство (ЕП) во Букурешт во 2019 и на златен медал од ЕП во Будимпешта во 2022 година, потоа џудистот Еди Шерифовски (турнирот е од 27 јули до 3 август), стрелачката Анастасија Мојсовска (ќе настапи на 28 јули, во дисциплината пукање од 10 метри со воздушна пушка, 60 истрели), таеквондистката Милијана Рељиќ (турнирот е од 7 до 10 август) и атлетскиот маратонец Дарио Ивановски (10 август).
На Параолимписките игри (ПОИ) во Париз, пак, шести пат ќе настапи најдобрата македонска стрелачка Оливера Наковска-Бикова, која на ПОИ во Лондон во 2012 година освои злато во дисциплината пукање со воздушен пиштол од 10 метри. Наковска-Бикова ќе настапи во три дисциплини. На 31 август со воздушен пиштол од 10 метри, на 2 септември со спорт пиштол од 25 метри и на 4 септември со пиштол слободен избор од 50 метри.
– Резултатите на Оливера се во нагорна линија, нѐ очекуваат уште многу работа, тренинзи и уште едни завршни подготовки пред заминувањето за Париз, заради темпирање на формата – информираат од Македонскиот параолимписки комитет (МПОК). Г.И.
Comments