Македонија ќе атакува на првата титула
ОДБОЈКА – ЕВРОПСКА СРЕБРЕНА ЛИГА
Селекторот на македонската репрезентација, Никола Матијашевиќ, го објави списокот со 20 одбојкари за настапот во Европската сребрена лига во мај. Станува збор за проверени сили, кои успешно ги поминаа јануарските квалификации за пласман на Европското првенство (ЕП) годинава, покрај кои шанса ќе добијат и неколку помлади одбојкари, а подготовките ќе почнат в понеделник, во Струмица, објави Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ). Македонија е во групата А, со селекциите на Данска, Израел и на Кипар. Првиот турнир ќе се одржи во Струмица, во салата „Парк“, од 21 до 23 мај, а вториот во Шлагелсе, Данска, од 28 до 30 мај. Домаќин на финалниот турнир, на кој ќе настапат четирите најдобри селекции од двете групи, повторно ќе биде Струмица, на 4 и на 5 јуни. Во групата Б се репрезентациите на Хрватска, Луксембург, Унгарија и на Австрија. Откако е формирана Европската лига во 2014 година, Македонија трипати беше втора (во 2015, 2016 и во 2017 година) и еднаш трета (во 2014-та). Пред три години Македонија беше четврта, во 2019-та не настапи, а лани, поради пандемијата на ковид-19, натпреварувањето не се одржа. Посакувањата се конечно, на домашен терен, да се освои првото злато во Сребрената лига, како вовед за успешен настап на Европското првенство во септември годинава, кое треба да се одржи во Полска, Чешка, Естонија и во Финска.
Состав на Македонија
Техничари: Ѓорѓи Ѓорѓиев, Филип Деспотовски, Ефтим Ричлиев Коректори: Никола Ѓорѓиев, Стефан Алексов, Стојче Арсов, Иван Андонов (коректор/блокер) Примачи: Владо Милев, Александар Љафтов, Стојан Илиев, Лука Костиќ Блокери: Ристо Николов, Филип Маџунков, Славе Наков, Филип Савовски, Филип Лепидовски Либера: Васе Михаилов, Дарко Ангеловски, Филип Николовски, Костадин Ричлиев Резерви: Марко Јуниор Стошиќ, Давид Стојанов (техничари), Тино Шулајковски и Михајло Мирасчиев (блокери) Селектор: Никола Матијашевиќ
Comments