Македонија ја пречекува Словенија, како прва проверка пред ЕП
ФУДБАЛ
Македонската фудбалска репрезентација денеска (од 18 часот, арена „Тодор Просеки“) ќе го одигра првиот тест-натпревар, со селекцијата на Словенија, во Скопје, пред дебитантскиот настап на Европското првенство (ЕП) што почнува на 11 јуни. Втората контролна средба, исто така, во Скопје, е в петок со репрезентацијата на Казахстан. По подолго време репрезентативците повторно ќе играат пред публика (за мечот со Словенија во продажба беа пуштени 10.000 влезници). – Подготовките добро течат, се надевам дека и Енис Барди наскоро ќе ни се приклучи, се работи за еден исклучителен фудбалер, кој е многу важен дел од овој тим. Добро е што ќе има публика на натпреварите да ги поздрави репрезентативците за сето она што го направија досега. Словенија е репрезентација што ни е доста добро позната, нѐ очекува еден интересен натпревар, се надевам дека овој дуел ќе биде добра подготовката за она што ќе нѐ очекува на мечевите во Букурешт – вели селекторот на македонската репрезентација, Игор Ангеловски. Македонија на Европското првенство ќе дебитира на 13 јуни, во Букурешт, со мечот со Австрија. Четири дена подоцна, исто така, во Букурешт, е средбата од второто коло во групата Ц, со Украина, а на 21 јуни е и дуелот со Холандија, во Амстердам. Во осминафиналето на ЕП 2020 ќе се пласираат првите две селекции од секоја од шесте групи, како и четирите најдобри репрезентации меѓу третопласираните. – Се подготвуваме одлично, атмосферата во репрезентацијата е на едно високо ниво, очекуваме денеска наша добра игра и победа. Македонија на секој натпревар игра на победа – вели репрезентативецот Стефан Ристовски.
СЛЕДНИ МЕЧЕВИ НА МАКЕДОНСКАТА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА
ПРИЈАТЕЛСКИ
Македонија – Словенија 18 ч. Македонија – Казахстан петок двата меча се во Скопје ЕП 2020, ГРУПА Ц Македонија – Австрија 13 јуни Македонија – Украина 17 јуни Македонија – Холандија 21 јуни средбите се играат во Букурешт и во Амстердам
Comments