Македонија ја завршува историската 2021. година како 67. фудбалска сила во светот
Македонската фудбалска репрезентација тековната 2021-ва година ќе ја памети по историски достигнувања, не само поради настапот на Европското првенство, туку и поради победата над Германија и пласманот во баражот на Светското првенство.
Нашата најсилна фудбалска селекција забележа значителен напредок во секоја смисла во изминатиот период и поради тоа доби сериозе респект во Европа, бидејќи извонредната работа на Игор Ангеловски сега на добро ја продолжи и Благоја Милевски.
Популарниот Боби го однесе националниот тим до второто место во групата и тоа ни загарантира историски бараж за пласман на еден мундијал, па иако ждрепката не ни беше наклонета, јасно е дека избраниците на Милевски ќе дадат се од себе во полуфиналната пресметка со Италија.
Европскиот првак ќе биде наша претпоследна пречка во обидот да стигнеме до Светското првенство, а доколку успееме да ги шокираме „аѕурите“ на гостински терен, би играле финале со подобриот од Португалија и Турција.
Овие натпревари се на програмата во месец март, а дотогаш, нашата селекција ќе има простор за подигнување на формата која навистина беше исклучително добра во оваа 2021-ва година.
За крај на оваа незаборавна календарска година, ФИФА денеска ја објави последната листа за 12-от месец, а на истата Македонија е на 67-то место.
Comments