Македонија убедливо поразена од Црна Гора
Updated: Aug 5, 2021
04.08.2021 Sreda Avgust
КОШАРКА – ПОДГОТВИТЕЛНИ СРЕДБИ
Македонската сениорска кошаркарска репрезентација, предводена од новиот селектор Драган Бајиќ, убедливо го загуби првиот контролен натпревар во Скопје од Црна Гора, со 59-81 (15-21, 19-17, 9-19, 16-24), во рамките на подготовките за претквалификациите за Светското првенство (СП) во 2023 година. На дуелот во СЦ „Јане Сандански“, селекцијата на Црна Гора, на чело со селекторот Бошко Радовиќ, дојде до победата во вториот дел, откако првото полувреме го доби со четири поени предност 38-24. Селекторот Бајиќ го одигра овој прв тест со многу играчки ротации, така што уште во првиот дел речиси извади на теренот две петорки. Најефикасен кај Македонците беше Адем Мекиќ со 12 коша, а кај гостите Петар Поповиќ со 17. Двете репрезентации денеска ќе одиграат уште еден контролен меч во истата сала (19 ч.). Швајцарија, пак, еден од два ривала на Македонија во претквалификациите за СП, стигна до првата победа во подготвителниот период. На вториот меч одигран во Нион, тие остварија убедлив триунф над Португалија (72-56) и со тоа им се реваншираа за поразот во првиот дуел, одигран, исто така, во Нион. Како што е познато, Македонија во овие претквалификации за СП е во групата Ф, заедно со Швајцарија и со Словачка, а само првопласираните две селекции ќе бидат дел од главните квалификации. На 12 и 16 август Македонија ќе игра со Швајцарија, а на 14 и на 18 август со Словачка, на турнирот што ќе се одржи во Скопје.
ความคิดเห็น