Македонија супериорно остана на патот кон враќање на ЕП
КОШАРКА – СО ПОБЕДАТА НАД НОРВЕШКА СО 79-41 ДО ПЛАСМАН ВО КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕП 2025
Македонската кошаркарска репрезентација ќе игра во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2025 година, откако во последниот натпревар од групата Д во претквалификациите, во Осло, ја совлада Норвешка со 38 поени разлика, 79-41 (24-12, 21-14, 15-10, 19-5), и оствари вкупен резултат од пет победи и еден пораз и вкупна позитивна кош-разлика од 61 поен. Од ноември почнуваат квалификациите за ЕП 2025, со 32 репрезентации, кои преку мечеви во ноември годинава, потоа во февруари и во ноември в година, како и во февруари 2025 година, поделени во осум групи ќе играат за 24-те места што носат настап на ЕП 2025 (првите три селекции од секоја група ќе се пласираат на ЕП). Засега во квалификациите е сигурен настапот на коорганизаторите Кипар, Финска, Летонија и Полска, а потоа победниците на претквалификациите, Македонија и Португалија, како и селекциите учесници во вториот круг од квалификациите за СП 2023, Белгија, БиХ, Чешка, Естонија, Франција, Грузија, Германија, Велика Британија, Грција, Унгарија, Исланд, Израел, Италија, Литванија, Црна Гора, Холандија, Србија, Словенија, Шпанија, Шведска, Турција и Украина. Последните четири места се за победниците во третиот круг од претквалификациите, во кои ќе играат оние што не го поминаа вториот круг (Австрија, Бугарија, Хрватска, Данска, Норвешка, Романија, Словачка и Швајцарија), како и оние што не успеаја во првиот (Албанија, Ирска, Косово и Луксембург). Овие 12 репрезентации, поделени во четири групи, ќе играат за последните четири места во квалификациите за ЕП 2025. Македонија ќе биде дел и од олимписките квалификации за Игрите в година во Париз. Македонија досега играше на пет ЕП (беше четврта на ЕП 2011) и еднаш во квалификации за ЛОИ (за Игрите во 2012 година). Победата во Осло во ниту еден момент не доаѓаше во прашање. Ти Џеј Шортс и Војдан Стојановски постигнаа речиси идентичен број поени колку цела норвешка репрезентација (тие имаа 38, Шортс 22, со шест скока и пет асистенции, а капитенот 16 поени и пет скока).
– Воопшто не нѐ интересираше исходот од дуелот помеѓу Данска и Словачка, оти сакавме самите да си ја завршиме работата, да ја повториме добрата игра против Норвешка во Гевгелија. Мотивацијата во Осло беше на ниво, одговоривме на поставените задачи, особено во одбраната, речиси идентично како во Гевгелија. Практично од првата топка отворивме одлично и потоа полека, како што поминуваше времето, само ја зголемувавме не само разликата туку многу повеќе самодовербата, а со тоа полесно го донесовме натпреварот до самиот крај. Сакам да им упатам честитки на сите играчи што дојдоа, го дадоа својот максимум и што играа на високо ниво до последната секунда, без оглед на водството од 30 поени. Честитки и до целиот стручен штаб, кој имаше одличен скаутинг и за овој меч, одлучувачки во секој поглед – изјави селекторот Александар Јончевски. Пофални зборови за успехот кажа и Војдан Стојановски. – Оваа репрезентација покажа карактер. Јасно е дека не беше лесно да се префрлиме во Осло по поразот во Левице, но игравме со уште поголема верба во сопствените можности. А како одминуваа минутите, на површина излезе и нашиот квалитет. Реално, многу поголем од оној што го имаат Норвежаните. Во ниеден момент не им дозволивме да се надеваат на некое изненадување и мирно го привршивме натпреварот, во кој ја оправдаме улогата на фаворит – рече Стојановски. Г.И.
Светскиот вицепрвак Аргентина нема да игра на СП 2023
Репрезентацијата на светскиот вицепрвак Аргентина првпат по 1984 година нема да настапи на едно светско првенство (СП), откако загуби на домашен терен од Доминиканска Република (75-79), иако во еден момент имаше и предност од 17 поени, па на крајот е последна, четврта во својата група. Покрај Доминиканска Република, од двата американски континенти пласман на СП 2023 обезбедија САД, Канада, Венецуела, Мексико и Бразил. Првпат на СП ќе игра Грузија, која иако загуби дома (77-80) од Исланд во последното коло, сепак е прва, оти на гостите им беше потребна победа од четири поени разлика. Грузија е засега една од четирите репрезентации што ќе дебитираат на СП, заедно со Јужен Судан, Летонија и Зелено’ртските Острови. Г.И.
ГРУПА Д
Норвешка – Македонија 41-79 Данска – Словачка 71-72
ТАБЕЛА Македонија 6 5 1 11 Словачка 6 4 2 10 Норвешка 6 2 4 8 Данска 6 1 5 7
Comments