Македонија со дуелот со Црна Гора го почнува настапот на Еврокупот на ЕХФ
06.10.2021 Oktomvri Sreda
РАКОМЕТ
Женската сениорска репрезентација на Македонија, утре (20.15 часот), во рамките на неделата на Европската ракометна федерација (ЕХФ), ќе го одигра првиот од двата натпревара во октомври во Еврокупот на ЕХФ против селекцијата на Црна Гора. Влезот во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје за мечот ќе биде слободен, но ќе биде дозволено да се исполни само 30 отсто од капацитетот на салата (што е околу 2.000 гледачи). За влез во салата, гледачите ќе мора да приложат сертификат за вакцинација или сертификат за прележан ковид-19 во претходните 45 дена, пишува Ракометната федерација на Македонија на својата интернет-страница. Вториот натпревар со Црна Гора е на гости во Никшиќ, в недела. На овој турнир настапуваат домаќините на Европското првенство (ЕП) во 2022 година, Македонија, Словенија и Црна Гора, како и европскиот првак Норвешка. Мечеви ќе се играат и во март и во април 2022 година. Другите европски репрезентации денеска и утре ќе го одиграат второто коло од предвидените квалификаци за ЕП 2022.
Comments