Македонија се распадна во вториот дел, Данска лесно ни го уништи мундијалскиот сон!
- Aleksandar Santovski
- Mar 27
- 2 min read
26.03.2026 Mart CetvrtokМакедонската фудбалска репрезентација убедливо загуби во Копенхаген од Данска со 4-0 (0-0) во полуфиналето на европскиот плеј-оф и нема да се бори за мундијалски билет во вторник. Катастрофалниот втор дел и недостатокот на реакција го одбележаа првиот натпревар на Седлоски на клупата. Делувавме организирано само едно полувреме, а потоа целосно исчезнавме од теренот на култниот „Паркен“:
Седлоски се одлучи за систем на игра 4-3-3, со Ќамили и Чурлинов на страничните позиции, но со стриктни дефанзивни задачи и Растодер во шпицот на нападот. Данците почнаа без Ериксен, но со Дамсгард во средниот ред. Нашиот прв дел беше организиран, но офанзивно скромен. Жалиме за лошиот прием на Ќамили и ударот на Барди од слободен удар на крајот од првиот дел, што беа нашите единствени закани до одморот.
Данците ги упатија првите два удари, но Муслиу го блокираше обидот на Хојлунд, а Димитриевски лесно го одбрани млакиот обид на Меле. Во 25. минута капитенот Хојбјерг се осмели и биеше од голема далечина, но Димитриевски одби во поле. Данците навалија, а Македонија се потешко излегуваше од своето поле. Со удар од далечина се обиде и Меле во 32. минута, но топката заврши крај левиот дирек од нашиот гол. Шест минути подоцна и Бах се обиде од дистанца, но топката заврши неколку метри крај голот. Првиот дел заврши со уште еден дански удар од преку дваесет метри, но Дамсгард биеше централно и млако, па Столе лесно одбрани.
Само што започна вториот дел Данска поведе. Хојлунд беше инспиратор, Исаксен изби сам пред Димитриевски, Херера со лизгачки старт за момент спаси, но топката стигна до Дамсгард, кој ја погоди небранетата мрежа (1-0). Пет минути подоцна стрелецот со левата нога шутираше од позиција на скратен корнер, но топката заврши преку голот. Првата наша зрела шанса дојде по ударот на Барди по земја во 56. минута, но Хермансен немаше потреба да интервенира. Тоа беше единствената наша реакција, бидејќи во интервал од две минути Данска постигна два гола и го реши прашањето на победникот. Во 58. минута Дамсгард убаво центрираше, а покрај нашите поспани стопери Исаксен на втора статива го матира Димитриевски (2-0). Само што тргнаа од центарот Данците дадоа и трет гол, откако Исаксен дочека еден отпадок по одбраната на Димитриевски и ја смести топката во мрежата (3-0).
Нашите црни пет минути можеа да донесат и четврти дански гол, но Фрохолт од непосредна близина биеше крај голот. Седлоски првите замени ги повлече во 54. минута и во игра влегоа Алими, Миовски и Дориев. Во 67. минута Барди се обиде од слободен удар, но биеше преку голот. Во 72. минута Растодер биеше млако, само колку да се брои како наша единствена закана со директен удар кон голот на Хермансен во вториот дел. Крај на нашите надежи стави Норгард, кој во 75. минута го искористи центаршутот од корнер на нововлезениот Ериксен и неодлучноста на Димитриевски, и од еден метар со глава погоди за 4-0.
До крајот првите минути во нашиот национален дрес ги одигра Мусовски, но резултатот не се менуваше и со еден од нашите најтешки порази во историјата го завршуваме мундијалскиот сон. Во вторник следува пријателски натпревар против Ирска, со кој ќе почнеме да ги подготвуваме следните активности, почнувајќи од Лигата на нации наесен.






Comments