Македонија се доближува до пласман на СП
Македонската шаховска репрезентација (1.871 рејтинг-поени, рангирана на 12-то место пред турнирот), во 6-то коло на 16. Шаховска олимпијада (ШО) за слепи и слабовидни играчи во Грција, минимално славеше со 2,5-1,5 над Литванија (рангирана на 17-то место, 1.712). Најзаслужен за победата беше Жарко Селковски (1.994, рангиран на 39-то место), кој на првата табла со бели фигури го победи Грубас Гинтарас (2.007), а преостанатите три партии завршија без победник. Зоран Костадиновски (1.928) ремизира со Евалдас Слуснис (1.747), Блаже Атанасовски (1.794) со Анатолиус Новиковас (1.715), а Трајче Димов (1.766) го подели поенот со Сигитас Бергинас (1.380). Засега Селковски е најуспешен македонски шахист со четири поени од шест партии и според моментниот играчки перформанс од 2.152 рејтинг-поени (игра со силина на шахист со тој рејтинг) е 14-ти од 109 шахисти, а има освоено и 26,8 нови рејтинг-поени. Во седмото коло од предвидените девет, Македонија вчера играше со Романија, која пред ШО беше рангирана на 10-то место (1.892).
Во конкуренција на 22 репрезентации, Македонија по шест кола е 13-та со шест бода (10,5 поени по табли). Води бранителот на титулата, Русија, со 12 бода (19,5 по табли), втора е Полска со 10 (17), трета Индија со осум (13) итн. – Оптимист сум и очекувам да се пласираме меѓу првите 16, а со тоа и да обезбедиме настап на Светското екипно првенство, кое следната година ќе се организира кај нас, во Охрид или во Струга – ни изјави селекторот на репрезентацијата, ВМ Трајко Недев. Меѓународната асоцијација на слепи и слабовидни шахисти (ИБЦА), основана во 1958 година, го одржа својот Конгрес на Родос, на кој присуствуваа делегати од 28 држави. Во својот извештај, претседателот на ИБЦА, д-р Шарудат Јадав од Индија, истакна четири достигнувања во текот на изминатите четири години: регистрирање на ИБЦА како добротворна организација во Франција, прием на шест нови земји од Азија и од Америка како нови членки, одлична соработка со Светската шаховска федерација (ФИДЕ).
Comments