top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Македонија се враќа само со три медали

ЗАВРШИЈА 19. МЕДИТЕРАНСКИ ИГРИ ВО ОРАН

Македонија се враќа само со три медали од 19. Медитерански игри (МИ) во Оран (Алжир). Со медали се закитија борачите Магомедгаџи Нуров, кој го одбрани златото од минатите МИ во Тарагона во 2018-та, и Владимир Егоров, кој освои бронза. Третиот медал, бронзен, е на градите на таеквондистот, сребрениот олимпиец од Токио, Дејан Георгиевски, кој поради стомачен вирус немаше шанса да се бори во финалето. Блиску до медал беа и ракометарите, кои во малото финале, во мечот за третото место, загубија од Србија со 29-34 (13-15). Црвено-жолтите одиграа добро само во првите дваесетина минути кога во три наврати имаа предност од три гола. На тој начин подмладената машка репрезентација го освои четвртото место на Медитеранските игри во Оран и со тоа не успеа да се впише како прва македонска репрезентација во кој било спорт воопшто што освоила екипен медал. Со тоа црвено-жолтите го повторија успехот на кошаркарската репрезентација на Македонија, која на Медитеранските игри во 2013 година, исто така, го освои четвртото место. Во вчерашното финале, за златниот медал на Медитеранските игри во Оран играа репрезентациите на Шпанија и на Египет.

Од другите македонски спортисти за обележување е настапот на атлетичарот Дарио Ивановски, кој во трката на 5.000 метри беше осми, но постави и нов државен рекорд, 13:54,58 минути. Трите медали од Оран се двојно помалку од шесте освоени во Тарагона (Шпанија) пред четири години. Таму Македонија, која ја претставуваа 72 спортисти, освои две злата, едно сребро и три бронзи. На МИ во Мерсин (Турција) во 2013 година, Македонија освои пет медали (едно сребро и четири бронзи). На третиот настап на медитерански игри, Македонија имаше 77 спортист(к)и во 10 спорта, во осум во поединечна конкуренција (борење, таеквондо, атлетика, џудо, карате, пливање, стрелаштво и мечување) и во два екипни спорта (ракомет и одбојка). На МИ во Оран настапија вкупно 3.390 спортисти од 26 земји (до вчера медали освоија 24), кои се натпреваруваа во 24 спорта. – Очекувавме повеќе од сите македонски спортисти, многу подобри резултати, па и повеќе медали, барем шест како на минатите Медитерански игри. Нема место за некакво задоволство, целта не е постигната, како според бројот на освоените медали така и според настапите, чест на неколкуте исклучоци. Честитки заслужуваат медалистите, Нуров, Егоров и Георгиевски, од кого се очекуваше злато, но, за жал, имаше пех со вирусот. Аплаузи и за Ивановски, кој покажа дека е во врвна форма и оти ги заслужува нашата поддршка и олимписката стипендија – изјави директорот на Македонскиот олимписки комитет, Владимир Богоевски. Л.Д.; Г.И.

МЕДАЛИ НА МАКЕДОНИЈА НА МЕДИТЕРАНСКИ ИГРИ МЕРСИН, ВО 2013 ГОДИНА

сребро Дејан Богданов бронза Дејан Митров, Бобан Данов, Јасин Реџалари, Фатлум Жута ТАРАГОНА, ВО 2018 ГОДИНА злато Берат Јакупи, Магомедгаџи Нуров сребро Дејан Георгиевски бронза Ненад Келебиќ, Жарко Арсовски, Дејан Митров ОРАН, ВО 2022 ГОДИНА злато Магомедгаџи Нуров бронза Владимир Егоров, Дејан Георгиевски ВКУПНО 14 МЕДАЛИ златни 3 (два во борење, еден во карате) сребрени 2 (по еден во борење и во таеквондо) бронзени 9 (пет во борење, два карате, по еден во бокс и во таеквондо)


2 views

Comments


bottom of page