top of page

Македонија преку Романија го трасира патот за осми настап на СП

РАКОМЕТ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА МУНДИЈАЛОТ В ГОДИНА

Македонската машка ракометна репрезентација со денешниот прв бараж-дуел во СЦ „Борис Трајковски“ (19 часот) во Скопје, против селекцијата на Романија, го почнува патот за своето осмо учество, а шесто во низа на светските првенства (СП). Реваншот е в сабота во Букурешт (17 ч.), а вкупниот победник од овој дуел ќе игра во април со Чешка, во решавачкиот двомеч за пласман на СП 2023 во Полска и во Чешка. Македонија на СП во континуитет игра од 2013 година. Романија, пак, досега настапила на 14 СП, а последен пат во 2011 година, кога беше 19-та.

– Нѐ очекуваат два тешки натпревара со Романија, која е квалитетна репрезентација, со искусен тренер. Според мене, првиот натпревар ќе биде клучен, но не би можел да прогнозирам колкава гол-разлика би ни била идеална за помирен реванш. Некогаш и голема предност пред реваншот не гарантира сигурен пласман. Затоа за мене најбитно ќе биде она што ќе подготвиме на тренинзите да го имплементираме и на теренот, а тоа значи да се придржуваме до планираната тактиката и сметам дека тогаш и посакуваниот резултат ќе си дојде сам по себе – вели десното крило Гоце Георгиевски. Македонија во 2018 година играше ваков бараж-дуел со Романија, која и тогаш беше предводена од селекторот Хавиер Пасквал. Тие средби беа за пласман на СП во 2019 година во Германија и во Данска, а Македонија излезе како вкупен победник. Во Скопје, Македонија славеше со 32-24, а во реваншот загуби со 25-26.

– Не би можел да кажам кој натпревар ќе одлучи против репрезентацијата на Романија, дали првиот или вториот, а добро одигран само еден натпревар, сигурно не е доволно за сигурен понатамошен пласман. Исто така, нема и некоја гол-разлика што може да гарантира сигурен пласман. Токму затоа сметам дека мора и на двата меча да бидеме на високо ниво, да одиграме максимално борбено и да го реализираме тоа што сме го подготвиле изминативе тренинзи – рече левото крило Гоце Ојлески. Влезниците за дуелот Македонија – Романија може да се набават онлајн на интернет-страницата на МК-тикетс, по цена од 100 денари.

БАРАЖ ЗА ПЛАСМАН НА СП 2023

Македонија – Романија 19 ч. Австрија – Естонија 19 ч. Португалија – Швајцарија 20 ч. Грција – БиХ синоќа Италија – Словенија синоќа Израел – Литванија синоќа Словачка – Белгија синоќа


 
 
 

Comments


bottom of page