top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Македонија пред тежок двомеч против силната Норвешка

РАКОМЕT – ДЕНЕСКА И В НЕДЕЛА ВО ЕВРОКУПОТ НА ЕХФ

Женската ракометна репрезентација на Македонија, предводена од селекторот Љубомир Савевски, денеска, со почеток во 19.30 часот, во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, ќе го одигра првиот од предвидените два натпревара против актуелниот светски и европски првак, Норвешка, во рамките на Еврокупот на Европската ракометна федерација (ЕХФ). Влезот за публиката е бесплатен. Реваншот, пак, е закажан в недела во Бекестуа, во арената „Надеруд“, со почеток во 16 часот. Македонија секако дека ја очекува тежок предизвик, но и можност, иако не е во најсилниот состав, да ја провери моментната форма против најтрофејната женска репрезентација на сите времиња. – Ни гостува светска ракометна велесила. Без разлика со каков состав ќе пристигнат, за нас ќе биде одлично искуство да видиме до каде сме ние. Без разлика на противникот, ние никогаш не се предаваме и одиме на победа на секој меч, иако сме во процес на подмладување на репрезентацијата. Речиси никогаш не сме комплетни поради повредени ракометарки, но имаме млади имиња што „чукаат“ на вратата на репрезентацијата. Сепак, најголемата работа ќе нѐ чека во јуни, а тоа се подготовките за Европското првенство и настапот на Медитеранските игри. Ќе се обидеме да направиме сериозна репрезентација, која може да се справи со кој било противник. Во секој случај, вкупно шест пријателски дуели, против Словенија, Црна Гора и Норвешка, се големо играчко богатство за нашата репрезентација – вели селекторот Љубомир Савевски, кој на претстојните два дуела, поради повреди, нема да може да смета на Елена Ѓеорѓиевска, Зорица Десподовска и Савица Мркиќ, додека сѐ уште е неизвесна Марија Штериова иако е во составот.

Селекторот на Норвежанките, искусниот исландски стратег Торир Хергеирсон, во Скопје сепак нема да допатува во најсилниот состав. Тој им даде одмор на повеќе етаблирани ракометарки, а во репрезентацијата вклучи неколку нови ракометарки со солиден потенцијал, од кои шест се дебитантки. – По напорната репрезентативна година, со три шампионски титули за 13 месеци, ние во селекторскиот тим решивме да им дадеме одмор на неколку наши клучни ракометарки од собирот во април, а пред дуелите со Македонија – изјави за тамошните медиуми Хергеирсон, кој на почетокот на март, при подготовките, вклучи неколку нови имиња на кои сега ќе им даде шанса. Со каков противник ќе ги одмери силите Македонија, доволно говори податокот дека Норвешка досега има освоени четири злата, четири сребра и три бронзи од СП и осум злата, три сребра и една бронза од ЕП. Без разлика на крајниот поредок на табелата во оваа група на Еврокупот, а во рамките ЕХФ-неделата, одиграните средби, секако, се мошне драгоцени за уигрување на репрезентациите и за проверка на формата пред најзначајниот настан годинава, а тоа е ЕП (4-20 ноември), кое ќе се одржи во Словенија, Црна Гора и Македонија. Како што е познато, Македонија досега ги загуби сите четири натпревари, од Црна Гора (дома со 19-21, на гости со 30-31) и од Словенија (на гости 28-29 и дома 20-27). Норвежанките, пак, двапати беа поуспешни и од Словенија и од Црна Гора (кои имаат по четири бода) и се први во групата со осум бода,. Словенките беа победени дома со 29-17 и на гости со 26-21, а Црногорките на гости со 32-27 и дома со 40-23.


2 views

Comments


bottom of page