Македонија посакува нов историски успех
26.11.2021 Noemvri Petok
ФУДБАЛ – ДЕНЕСКА ЖДРЕПКА ЗА БАРАЖОТ ЗА ПЛАСМАН НА СП 2022
Денеска попладне (од 17 часот) во Цирих треба да се влече ждрепката за плејоф-натпреварите за пласман на Светското првенство (СП) во фудбал во Катар во 2022 година. Меѓу 12-те репрезентации што ќе разигруваат за преостанатите три места од Европа се наоѓа и Македонија, која беше второпласирана во квалификациската група, зад Германија. Во баражот, 12-те репрезентации ќе бидат поделени во три групи, во кои ќе се игра по еден меч во полуфиналињата на 24 март и потоа и во финалињата на 29 март 2022 година. Во баражот на 10-те второпласирани во групната фаза, Италија, Португалија, Русија, Шкотска, Шведска, Велс, Македонија, Полска, Турција и Украина, им се придружија Австрија и Чешка, врз основа на пласманот во Лигата на нациите (ЛН) во сезоната 2020/2021, откако директно не се квалификуваа како победници во групите, ниту пак влегоа во плејофот како второпласирани. Шесте второпласирани со најдобар ефект во групите, Италија, Португалија, Русија, Шкотска, Шведска и Велс, на ждрепката ќе бидат во првиот барабан и полуфиналните плејоф-мечеви ќе ги играат на домашен терен.
Тоа се можните ривали на Македонија, која со Австрија, Чешка, Полска, Турција и Украина ќе биде во вториот барабан и ќе игра на гости во полуфиналето. Домаќините на финалињата, пак, ќе бидат одредени со дополнителна ждрепка. Македонија има позитивно искуство кога станува збор за вакви бараж-натпревари. До деби-настапот на Европското првенство (ЕП) летово, Македонија дојде на ист начин. Второто место во групата и баражот за пласман на финалниот турнир на СП се најголемото достигнување на Македонија на досегашните настапи во квалификациите. Избраниците на Игор Ангеловски, кој беше селектор на првите три меча во март, потоа и на неговиот наследник Благоја Милевски, го заслужија второто место со одличните игри и сега имаат шанса за нов историски успех. – Нема лесни противници во баражот, тука се последните два европски шампиона, Италија и Португалија, затоа не се оптоварувам со кого ќе играме. Македонија има квалитет, искуство, желба и многу мотиви за надигрување. Ќе играме максимално ангажирано и ќе се обидеме да ја искористиме секоја шанса што ќе ни се даде – изјави селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Благоја Милевски.
Comments