top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Македонија посакува најмалку две места над почетното рангирање

ШАХ – ЕВРОПСКО ЕКИПНО ПРВЕНСТВО ДО 12 ГОДИНИ

Македонската шаховска репрезентација, во состав Никола Петровски, Даниел Стефаноски, Павел Крстевски (сите тројца од ШК Капабланка од Скопје) и Благоја Миновски (од ШК Алкалоид), од денеска ќе учествува на екипното Европско првенство (ЕП) во возрасната категорија до 12 години, што во седум кола на по четири табли со стандардно темпо на размислување се одржува во романскиот град Јаши. – Во многу силна конкуренција ќе се обидеме да го подобриме почетното рангирање барем за две места. Овој турнир е исклучително значаен, за оваа надежна генерација македонски млади шахисти во иднина да стигнат до многу поголеми шаховски височини – вели селекторот, интернационалниот мајстор (ИМ) Орце Данчевски. На ЕП во оваа возрасна категорија лани, во Солун, македонската селекција (рангирана 11-та пред турнирот) настапи со пет шахисти и го освои седмото место со седум бода (12 по табли), во конкуренција на 13 репрезентации. Од тој состав во Солун сега ќе играат само Петровски и Крстевски, а другите немаат право за настап во оваа категорија. Златниот медал го освои Полска, сребрениот Турција, а бронзениот Романија. На годинашново ЕП ќе настапат 11 селекции (четири се од Романија) со 49 пријавени шахисти, од кои двајца ФИДЕ-мајстори (ФМ). Прворангиран е ФМ од Романија, Едвард Тудор (рејтинг 2.351), а Петровски е 33-ти пред почетокот на турнирот. Прв фаворит е Романија (2.041 просечен рејтинг), а следуваат Германија (2.006), Полска (1.907), Израел (1.833), Турција (1.724), Романија Јаши 1 (1.650), Романија Арнија (1.517), Словенија (1.462), Романија ЈАШАХ (1.448), Македонија (1.340) и Монако (1.119). Таму ќе се одржат и ЕП во категориите до 18 години за момчиња и до 12 и 18 години за девојчиња. Н.М.


1 view

Bình luận


bottom of page