Македонија подготвена за челната позиција
РАКОМЕТ – ПРЕД ДЕНЕШНИОТ МЕЧ СО ПОРТУГАЛИЈА ВО КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕП 2024
Македонската машка ракометна репрезентација по завршувањето на мини-подготовките, денеска во СЦ „Борис Трајковски“ (19 ч.) во Скопје ќе го одигра првиот натпревар против Португалија, инаку трет во рамките на групата еден во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) 2024 година (10-28 јануари) во Германија. Реваншот против најголемиот ривал за првата позиција во групата е в недела, на гостински терен во Матосињос, близу Порто (18.30 ч.). На ЕП 2024 пласман обезбедуваат првите две репрезентации од секоја група, како и најдобрите четири третопласирани селекции од осумте квалификациски групи. Црвено-жолтите иако со подмладен состав и отсуство на повеќемина ракометари, на кои не можеше да смета селекторот Кирил Лазаров, сепак со оптимизам гледа на овој дуел пред своите навивачи, по чие завршување победникот ќе избие на првата позиција со максимални шест бода по три одиграни натпревари. – На двата натпревара што ни претстојат ќе бидеме без поискусните играчи во составот. Против Португалија ќе играме без притисок, добро знаеме за каков противник станува збор, но секако се подготвуваме за победа. А за да успееме во тоа, мора да бидеме цврсти во одбраната, да го подигнеме нивото, да одиграме квалитетно со многу дуели. Млади сме, мора многу да трчаме, да бидеме агресивни на теренот. Не смееме да дозволиме да примаме многу голови како што тоа беше на неодамнешното Светско првенство, оптимист е десниот бек Томи Јагуриновски (СП), кој поради повреда мораше предвреме да го напушти последното СП, кое се одржа во Полска и Шведска. Претходно црвено-жолтите во овие квалификации ги победија Луксембург дома со 38-24 и Турција на гости со 36-27. Македонија во групата еден по првите две кола има четири бода, колку што има и Португалија. На европските првенства и Македонија и Португалија досега настапиле по седум пати. Португалија најдобриот пласман го оствари во 2020 кога беше шеста, а на последното ЕП 2022 година беше 19-та. Македонија, пак, најголемиот успех го забележа во Србија 2012 кога заврши петта, но на последното ЕП во Словачка и Унгарија беше на 22-то место. Судиската правда на денешниот натпревар им е доверена на Дејан Марковиќ и Марко Боричиќ од Србија, додека делегат ќе биде Белгиецот Клаус Дитер Конвенц. Г.И.
Македонија – Португалија денеска (19 ч.) Луксембург – Турција вчера
ТАБЕЛА Португалија 2 2 0 0 4 Македонија 2 2 0 0 4 Луксембург 2 0 0 2 0 Турција 2 0 0 2 0
Comments