Македонија од третиот барабан ќе ги чека ривалите на ЕП 2024?
РАКОМЕТ
Македонската ракометна репрезентација од третиот барабан ќе ја чека ждрепката на 10 мај во Диселдорф на групите на 16-то Европско првенство (ЕП) в година во Германија, откако го освои второто место во квалификациската група 1, со победата на мечот со Турција, во Скопје, во шестото коло, со 30-27. Македонија осми пат ќе игра на ЕП и 16-ти пат вкупно на големите натпреварувања (заедно со светските првенства). На сите досегашни континентални првенства настапиле Шпанија, Франција и Хрватска, по едно пропуштиле Данска, Шведска и Германија…, дебитанти на шампионатот в година ќе бидат Фарските Острови, Грција и Грузија, Романија по 28 години се враќа на ЕП… Европската ракометна федерација (ЕХФ) претходно објави дека Шведска, Шпанија и Данска, како репрезентации од првото до третото на ЕП во 2022 година, се во првиот барабан за ждрепката за првенството во Германија, заедно со три селекции што ќе се рангираат на првото место во квалификациите за ЕП 2024. Домаќинот Германија е во вториот барабан со другите пет првопласирани селекции од квалификациите. Според ЕХФ, во третиот и во четвртиот барабан се сите второпласирани селекции од квалификациите, како и четирите најдобри меѓу третопласираните, а, според информациите, во третиот барабан би требало да бидат Македонија, БиХ, Хрватска, Србија, Чешка и Полска. Вкупно 24-те репрезентации ќе бидат поделени во шест групи со по четири селекции. По две најдобри репрезентации од секоја група ќе се пласираат во главната групна фаза, во која ќе има две групи со по шест селекции и од каде што двете најдобри од секоја група ќе се пласираат во полуфиналето. Новиот шампион ќе се пласира и на Летните олимписки игри в година. СЕЛЕКЦИИ НА ЕП 2024: Германија (домаќин), Шпанија, Шведска, Данска (први три селекции на ЕП 2022), Македонија, Австрија, БиХ, Хрватска, Чешка, Фарски Острови, Франција, Грузија, Грција, Унгарија, Исланд, Црна Гора, Холандија, Норвешка, Полска, Португалија, Романија, Србија, Словенија и Швајцарија. Н.М.
По ждрепката следува напад на светскиот рекорд
Европската ракометна федерација (ЕХФ) објави дека Германија на Европското првенство (ЕП) в година ќе биде во групата А во Берлин, Хрватска во групата Б во Манхајм, Исланд во групата Ц во Минхен, Норвешка во групата Д во Берлин, актуелниот европски првак Шведска во групата Е во Манхајм и светскиот првак Данска во групата Ф во Минхен. По две најдобри селекции од групите А, Б и Ц во втората рунда ќе играат во арената „Ланксес“ во Келн, а првопласираните две од групите Д, Е и Ф ќе настапуваат во арената „Барклис“ во Хамбург. Полуфиналињата и финалето ќе се играат во Келн. Првиот меч на ЕП 2024, во кој ќе настапи Германија, е предвиден да се игра на фудбалскиот стадион во Диселдорф со капацитет за 50.000 гледачи и ќе има обид да биде соборен светскиот рекорд за најголема посетеност на ракометен меч во затворен простор. Досега се продадени над 40.000 влезници, а другите ќе се продаваат по ждрепката на групите на ЕП 2024, на 10 мај во Диселдорф.
Comments