top of page

Македонија не искористи четири големи шанси и претрпе нов пораз од Украина

Македонската фудбалска репрезентација мораше да се помири со нов неповолен епилог против селекцијата на Украина, иако уште еднаш покажа дека може да парира и на моменти да биде многу подобар тим од денешниот ривал. Поради воената состојба во Украина, натперварот се играше во Прага пред половично исполнет стадион, а на крајот славеше домаќинот на хартија и покрај доброто светло во кое се прикажаа избраниците на Благоја Милевски. Македонија дефинитивно има за што да жали на оваа пресметка, бидејќи откако прими несреќен гол за 1:0, целосно ја презема иницијативата и создаде четири стопроцентни шанси за гол. Украина поведе по грешката која ја направи Атанасов и ударот на Судаков кој од Серафимов заврши во мрежата, но до крајот на првиот дел, Македонија имаше две супер шанси преку Миовски и Ашковски. Двата удари беа неутрализирани од Турбин, кој при резултат 0:0 му одбрани уште еден удар на напаѓачот на Абердин кој учествуваше во сите три опасни акции на нашиот тим. Миовски немаше среќа да се запише во листата на стрелците, а истото важи и за Чурлинов кој влезе на стартот на вториот дел и кој ја имаше нашата најголема шанса во овој дел од мечот. Фудбалерот на Барнли шутираше какошто треба, но Турбин со многу среќа интервенираше по четврти пат и одново ја сочува својата мрежа. Во продолжение, Украина беше тимот кој ги контролираше случувањата на теренот и на двапати ја погоди гредата преку Матвиенко и Судаков, а иако во меѓувреме неколку добри реакции имаше и Димитриевски, Македонија на крајот сепак прими и втор гол. Нашите фрлија се на една карта во судиското продолжение, по што дозволија контра за домаќинот по која Караваев го изненади Столе од огромна далечина.

ree


 
 
 

Comments


bottom of page