top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Македонија на јубилејот игра нов значаен квалификациски меч

ФУДБАЛ – ЦИКЛУС ЗА ПЛАСМАН НА ЕП 2024

Фудбалската репрезентација на Македонија, на 30-годишнината од првиот натпревар, попладнево (од 15 часот) игра важен дуел со селекцијата на Украина, на неутрален терен, во Прага (Чешка), во трката за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2024 година. Со поволен резултат Македонија во ноемвриските натпревари, со Италија на гости и со Англија дома, сама ќе решава за пласманот на континенталниот шампионат в година во Германија. Македонската селекција својот прв натпревар го одигра на 13 октомври 1993 година на гости со Словенија, во Крањ. Со головите на Зоран Бошковски, Дарко Панчев, Чедомир Јаневски и на Драган Канатларовски, црвено-жолтите победија во тој пријателски дуел со 4-1 (стрелец за Словенија беше Јанез Пате). Три децении подоцна (во меѓувреме црвено-жолтите одиграа други 277 меча, постигнаа уште 330 гола…) Македонија игра нов значаен меч во завршница на еден квалификациски циклус, трет во низа, откако во претходните години прво се пласира на ЕП 2020, а потоа, откако беше втора во групата во квалификациите за Светското првенство (СП) во 2022 година, настапи во плејофот, каде што во полуфиналето ја победи Италија, а во финалето загуби од Португалија (двата меча Македонија ги одигра на гости). На табелата во групата Ц убедливо води Англија со 13 бода од пет меча, со по седум бода се израмнети Македонија (од пет натпревари), Украина (пет) и Италија (четири), а Малта е без бодови (од пет дуела). Вечерва во оваа група се игра и натпреварот Италија – Малта. На ЕП 2024 ќе се пласираат првите две селекции од секоја од десетте квалификациски групи. Во случај две или повеќе репрезентации да бидат израмнети со бодовите, меѓусебниот дуел е прв што решава кој ќе има подобар пласман. На ЕП 2024 ќе играат и три селекции што ќе победат во плејоф-дуелите од лигите А, Б и Ц од Лигата на нации. Од групата Ц репрезентацијата на актуелниот европски првак Италија има обезбеден пласман во плејофот, со освоеното прво место во својата група во Лигата на нации. Репрезентацијата на Македонија игра за важни бодови, но и за јубилејна 40-та победа во еден квалификациски циклус за ЕП (досега има 19 триумфи) или за СП (20). Ова ќе биде седми меѓусебен дуел на репрезентациите на Македонија и на Украина. Н.М.

ПРВИОТ НАТПРЕВАР НА МАКЕДОНИЈА

Словенија – Македонија 1-4, пријателски дуел, 13.10.1993, Крањ (Словенија) Стрелци: 0-1 Бошковски 3. минута, 0-2 Панчев 37 (од пенал), 1-2 Пате 40, 1-3 Јаневски 48 (од пенал), 1-4 Канатларовски 51. минута. Градски стадион во Крањ. Гледачи: 3.000. Судија: Драгутин Карло Пољак (Хрватска). Словенија: Симеунович (од 58. минута Зупан), Жидан (57. Јерманиш), Новак, Миланич, Блатник, Пољшак (63. Енгларо), Чех, Зулич (37. Пате), Захович, Удович (46. Глиха), Флоријанчич. Селектор: Прашникар. Македонија: Зоран Мицевски, Кире Грозданов (61. Неџмедин Мемеди), Зоран Јованоски, Драги Канатларовски, Чедомир Јаневски, Илија Најдоски, Зоран Бошковски (83. Ванчо Мицевски), Љупчо Марковски, Дарко Панчев, Бобан Бабунски (12. Горан Георгиевски, 73. Сашо Милошевски), Тони Мицевски. Селектор: Андон Дончевски.

ГРУПА Ц

Украина – Македонија 15 ч. Италија – Малта 20.45 ч.

ТАБЕЛА Англија 5 4 1 0 16-2 13 Италија 4 2 1 1 6-4 7 Украина 5 2 1 2 6-7 7 Македонија 5 2 1 2 7-12 7 Малта 5 0 0 5 1-11 0



0 views

Comments


bottom of page