Македонија на театарскиот фестивал „Долгопрудненска есен 2021“ во Русија
Овие денови во Долгопрудниj, град во московската област, по 13-ти пат се одржува Театарскиот фестивал „Долгопрудненска есен 2021“ кој како љубителите на театарската уметност, така и професионалците го сметаат за културен настан значаен за цела
Русија.
На фестивалот учествуваат над 20 театарски колективи. Како домаќин на фестивалот по традиција се јавува долгопрудненскиот театар „Город“. Театарот повеќе пати беше учесник и лауреат на фестивалот на античката драма во Стоби. Директорката на театарот Жанета Арутјуњан вели дека од своето прво доаѓање во Северна Македонија артистите ја засакаа оваа земја.
– Со нив мене како претседател на невладината организација „Македонски културен центар“ во Москва ме поврзува одамнешното пријателство. Годинава по традициjа бев поканета на фестивалот во својство на специјален член на жирито. Одржав две предавања за македонскиот јазик и литература и за современата состојба на македонскиот театар. Одговорив на многу прашања поставени од публиката која покажа жив интерес за земјава. На театарските дејци им ги понудив текстовите на делата од македонските драматурзи (на руски имам преведено 22 драми) со цел да се најдат во вистински раце и барем една од пиесите на македонскиот автор да влезе во репертоарот на руски театар, вели Олга Панкина.
На фестивалот посебно внимание ѝ беше посветено на книгата „Три драми за театарот“ – избор пиеси од Венко Андоновски која пред месец дена ја објави реномираниот руски издавач „У Никитских ворот”. Составител и преведувач е Олга Панкина.
Артистите на Театарот „Город“ организираа читање по улоги на фрагменти от сите три пиеси што ги содржи новата книга: „Словенски ковчег”, „Олово на перницата” и „Граница”.
Руската театарска критика по овој настан ја оцени македонската драматургија како нешто совршено, квалитетно и актуелно, со балкански дух.
Comments