Македонија на младинското ЕП ќе игра со Турција, Шпанија и со Белгија
08.02.2024 februari cetvrtok
КОШАРКАРСКИТЕ РЕПРЕЗЕНТАЦИИ ГИ ДОБИЈА РИВАЛИТЕ ЗА ЕВРОПСКИТЕ ПРВЕНСТВА ГОДИНАВА
Македонската младинска репрезентација за кошаркари до 20 години, која е единствената што ќе игра во дивизијата А, ги доби противници на годинашното Европско првенство (ЕП), во јули во полскиот град Гдиња, и ќе игра во групата Б, заедно со селекциите на Турција, трикратниот европски првак Шпанија и со Белгија. Ако Македонија не биде на последните две места на ЕП 2024, тогаш ќе го задржи статусот во дивизијата А, во која се натпреваруваат 16 репрезентации. Ова е првпат по 17 години, Македонија да игра во најквалитетната дивизија на ЕП за кошаркари до 20 години.Годинава љубителите на кошарката во Македонија ќе имаат можност да гледаат две европски првенства од дивизијата Б, во Скопје. Првото е јуниорско (од 26 јули до 4 август), а Македонија е во групата Ц со Чешка, БиХ, Украина, Ирска и со Кипар. Второто е кадетско (од 8 до 17 август), а црвено-жолтите се во групата Д, заедно со селекциите на Естонија, Шведска, Украина и на Австрија.И женската репрезентација на Македонија за кошаркарки до 18 години ќе биде активна летово, бидејќи ќе настапи на Европското првенство, дивизија Б, во романскиот град Плоешти (од 2 до 11 август), во групата А, со Грција, Бугарија, Ирска и со Норвешка.Тоа е епилогот на ждрепките за младинските континентални првенства и ЕП за мали земји 2024, која се влечеше во Германија. На овој чин присуствуваше претседателот на ФИБА Европа, Шпанецот Хорхе Гарбахоса, заедно со извршниот директор на ФИБА Европа, Камил Новак од Чешка.Вкупно 245 селекции, кои ќе претставуваат 47 национални федерации, ќе учествуваат на 16-те младински натпреварувања, кои ќе почнат со Европското првенство за кошаркарки до 20 години (од 6 до 14 јули). Г.И.
ЖДРЕПКА ЗА МЛАДИНСКИТЕ ПРВЕНСТВА
ЕП за младинци (до 20 год.), дивизија АГРУПА А: Македонија, Турција, Шпанија, БелгијаЕП за јуниори (до 18 год.), дивизија БГРУПА Ц: Македонија, БиХ, Ирска, Чешка, Украина, КипарЕП за кадети (до 16 год.), дивизија БГРУПА Д; Македонија, Естонија, Украина, Шведска, АвстријаЕП за јуниорки (до 18 год.), дивизија БГРУПА Б: Македонија, Грција, Ирска, Бугарија, Белгија
Comments