Македонија на Венециското биенале со „Landscape experience“ на Јанкулоски, Мотеска и НГМ
Стручната комисија при Министерството за култура, кое за претставување на проектот во Венеција со годишна програма издвои 3,5 милиони денари од буџетот, во образложението посочува дека проектот низ јукстапозиции поставува нови пејзажи, реални, а имагинативни; локални и национални, а сепак универзално препознатливи. Годинешнава тема на Биеналето во Венеција е „Млеко од соништата“
„Сублимираните сцени, објекти, видеа и просторна инсталација го сугерираат односот тело-природа, човек-технологии, човекот како несовршено суштество и негова когнитивна симбиоза со останатиот жив свет и околина. Низ квалитетен материјал и портфолио, авторот и кураторката (Ана Франговска) го развиваат и докрај го објаснуваат проектот како соодветен одговор на темата на Биеналето „Млеко од соништата“. Вака гласи образложението за проектот „Landscape experience“ на Роберт Јанкулоски, Моника Мотеска и Националната галерија кој годинава ќе ја претставува Македонија на 59. Венециско биенале на уметноста што ќе се одржи од 23 април до 27 ноември 2022 година.
Стручната комисија при Министерството за култура, кое за претставување на проектот во Венеција со годишна програма издвои 3.5 милиони денари од буџетот, додава дека проектот низ јукстапозиции поставува нови пејзажи, реални, а имагинативни; локални и национални, а сепак универзално препознатливи.
Уметниците Јанкулоски и Мотеска и се познати на македонската јавност, но и пошироко, по своите бројни изложувања на уметнички настани во државата и светот.
Јанкулоски чиј проект „Нови пејзажи-архив на реалноста“ во 2020 победи на Конкурсот за зрел уметник на Националната галерија, а истоимената изложба беше поместена во Мала станица, е роден 1969 година и зад себе има импресивна фотографска-уметничка кариера. Тој е основач на Македонскиот центар за фотографија во 2000 година. Реализирал 36 самостојни изложби и учествувал на голем број групни изложби насекаде во светот: од Скопје, преку Белград и Виена, до Њујорк, Брисел, Париз, Рим… Добитник е и на неколку награди од областа на визуелните уметности и филмот и носител е на титулата Витез од областа на уметноста и книжевноста, доделен од Министерството за култура на Франција.
Уметницата Моника Мотеска (Прилеп, 1971), пак, се занимава со сликарство, фотографија, видео и инсталација. Имала 20-ина самостојни изложби во земјата и во странство, а учествувала и на голем број групни изложби од локален и меѓународен карактер. Нејзината мултимедијална изложба „Везење во камен“ публиката имаше можност да ја види во декември 2020 во Чифте-амам.
Инаку, од Министерството за култура информираат дека на конкурсот за финансирање проект од национален интерес во културата од областа на меѓународната дејност за учество на Македонија на 59. Интернационална ликовна изложба во Венеција во 2022 година, во организација на „La Biennale di Venezia“ (Венециско биенале), годинава пристигнале пет пријави.
“Една од нив не се разгледуваше откако подносителот достави писмено известување дека го повлекува проектот од учество на Конкурсот. Останатите проекти кои пристигнале и биле разгледувани биле:„Божествена пародија“ на Страхил Петровски (Музеј на Град Скопје); „Сите изгубени гласови“ на Филип Јовановски (Младински културен центар – Скопје) и „Горчлив шеќер“ на Ѓорѓе Јовановиќ (НУ Музеј на современата уметност – Скопје)“, известуваат од Министерството.
И годинава Македонија ќе треба да обезбеди простор во Венеција каде што ќе биде претставена изложбата. Минатата година Регионалната канцеларија на УНЕСКО, беше домаќини на националниот павилјон на Македонија во рамките на Биеналето во Венеција.
Comments