top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Македонија комплетна на тест-дуелите со Израел

РАКОМЕТАРИТЕ ГИ ПРОДОЛЖУВААТ ПОДГОТОВКИТЕ ЗА НАСТАП НА ЕП 2022

Во СЦ „Борис Трајковски“ покрај уигрување на техничко-тактички варијанти и анализа на противниците во групата, црвено-жолтите денеска и утре ќе одиграат и два пријателски дуела со селекцијата на Израел. Како што информираат од РФМ, и двата меча ќе се играат без публика

Македонската сениорска репрезентација го почна вториот дел од подготовките за настап на претстојното Европско првенство (ЕП) во ракомет, во Унгарија и во Словачка (13-30 јануари). Првиот дел беше одработен во Маврово, каде што избраниците на селекторот и капитен Кирил Лазаров одиграа и две пријателски средби со селекцијата на Кувајт и во двата меча, иако некомплетни, остварија победи, со 31-21 и со 22-21.

Во Скопје во СЦ „Борис Трајковски“ покрај уигрување на техничко-тактички варијанти и анализа на противниците во групата, црвено-жолтите, овој пат комплетни, ќе одиграат и два пријателски дуела со соодветната селекција на Израел, денеска и утре. Како што информираат од Ракометната федерација на Македонија (РФМ), и двата натпревара ќе бидат од затворен тип, односно без присуство на публика.

Во согласност со протоколите за учество одредени од Европската ракометна федерација (ЕХФ), сите ракометари во македонскиот репрезентативен табор се имунизирани против ковид-19, а во текот на подготовките беа извршени превентивни ковид-тестирања и тие беа негативни. Протоколот од ЕХФ за учество на ЕП 2022 предвидува ковид-тестирања на учесниците на 4, 7 и на 10 јануари, а македонската репрезентација заминува за Дебрецин на 11 јануари, велат од РФМ.

На ЕП 2022, Македонија е во групата А. Црвено-жолтите во арената „Фоникс“, со капацитет од 6.500 места, прво ќе играат со Словенија на 13 јануари (од 18 часот), два дена подоцна со Црна Гора (18 ч.), а на 17 јануари со светскиот првак Данска (20.30 ч). Првите две репрезентации од секоја од шесте групи ќе се пласираат во втората групна фаза. За репрезентацијата на Израел ова е завршна подготовка за квалификациите за пласман на Светското првенство (прва фаза) што ќе се одржи следниот викенд во Клуж, Романија. Отворањето ќе се одржи в петок, Израелците ќе играат со домаќинот Романија. В сабота и в недела се мечевите со Молдавија и со Кипар.



ЕХФ на својата официјална интернет-страница информира за присуството публиката на ЕП. За влез во салата во Унгарија, потребно е гледачите да имаат еден од следниве три документи: сертификат дека се вакцинирани, сертификат за прележан ковид-19 и ПЦР-тест не постар од 72 часа. Притоа за сите гледачи над шест години, задолжително е носење заштитна маска во салата. Г.И.

2 views

Comments


bottom of page