Македонија заслужи барем реми
Updated: Jun 19, 2021
19.06.2021 Juni Sabota
ФУДБАЛ – МАКЕДОНИЈА – УКРАИНА 1-2
За македонската репрезентација следува мечот со Холандија в понеделник
Фудбалската репрезентација на Македонија го загуби и вториот меч на Европското првенство (ЕП), од Украина, со 1-2 на арената „Национал“ во Букурешт, по што речиси ги загуби шансите за пласман во следната, осминафинална рунда на континенталното првенство. Последната, теоретска шанса за тоа е евентуална победа над Холандија во третото коло, в понеделник во Амстердам.
Македонија заслужи барем реми на овој натпревар, според прикажаната игра и според шансите во второто полувреме, кога беше намалено водството на Украина од првиот дел, од 2-0. Но пропуштеното во првото полувреме не можеше да се надомести. Украинците беа многу подобри во првото полувреме, постигнаа два гола, преку Андреј Јармоленко и Роман Јаремчук, кои ги постигнаа и головите на средбата со Холандија во првото коло и практично го решија мечот.
Во второто полувреме селекторот на Македонија, Игор Ангеловски, ја смени формација (од 3-4-1-2 на 4-3-3), направи две измени, ги извади од игра играчите за врска, Стефан Спировски и Бобан Николов, и на нивно место стави двајца напаѓачи, Александар Трајковски и Дарко Чурлинов. Офанзивата игра даде плод, прво со неколку шанси, а во 57. минута по пеналот направен врз Горан Пандев, Езгјан Алиоски погоди од вториот обид и намали на 1-2. Во финишот Украинците можеа да зголемат на 3-1, но Столе Димитриевски му го одбрани ударот на Руслан Малиновски од белата точка во 85. минута.
Првпат во 60-годишната историја на ЕП, правдата на натпревар на финален турнир ја делеше неевропски судија, Аргентинецот Фернандо Рапалини (43).
Македонија (3-4-1-2): Столе Димитриевски, Стефан Ристовски, Дарко Велковски (од 85. минута Иван Тричковски), Висар Муслиу, Бобан Николов (од 46. Александар Трајковски), Аријан Адеми (од 85. Кире Ристевски), Стефан Спировски (од 46. Дарко Чурлинов), Езгјан Алиоски, Енис Барди (од 77. Даниел Аврамовски), Елиф Елмас, Горан Пандев. Селектор: Игор Ангеловски.
Украина (4-3-3): Георгиј Бушчан, Олександар Караваев, Илја Забарни, Микола Матвиенко, Виталиј Миколенко, Микола Шапаренко, Тарас Степаненко, Олександар Зинченко, Андриј Јармоленко, Роман Јаремчук, Руслан Малиновски. Селектор: Андриј Шевченко.
Ангеловски: Победени, но не поразени
– Одигравме меч со две различни полувремиња. Во првото бевме попретпазливи, но во второто покажавме зошто сме на ЕП, дека Македонија има квалитет. Ако вашите навивачи ве испратат со громогласен аплауз, значи сте одиграле добро. Победени сме, но не сме поразени. Вака треба да одиграме и против големата Холандија за четири дена – рече селекторот Игор Ангеловски.
Comments