Македонија е подготвена, Македонците единствени
ПОЧНУВА 16. ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО ФУДБАЛ
Фудбалската магија може да почне. Најважната споредна работа на светот во следните триесетина дена ќе ја преокупира целата спортска јавност, годинава и македонската. Сега најмногу ќе се зборува за голови, резултати, бодови, надежи, пропуштени шанси… Низ Европа ќе има нескриена радост по секоја победа, но и понекоја солза и тага за пропуштеното. „Унифорија“, официјалната топка на Европското првенство (ЕП), именувана според единството и еуфоријата што може да ги донесе едно вакво натпреварување на највисоко ниво, како што напиша Европската фудбалска унија (УЕФА), ќе отскокнува на сите страни од теренот, ќе го бара патот до противничката мрежа, до навивачките срца, кои ќе треперат, а возбудата ќе расте како вулкан пред ерупција со секоја измината минута, со секој нов натпревар. Македонија е подготвена.
Како што се ближи почетокот, особено првиот меч на Македонија против Австрија, така растат и тензијата и возбудата меѓу љубителите на фудбалот, од кои некои ќе заминат во Букурешт во живо да ја бодрат репрезентацијата, но повеќето ќе навиваат за Македонија покрај ТВ-екраните, во своите домови или на терасите на некои кафеани.
– ЕП ќе го следам во кафеана со друштво и силно ќе ја бодриме Македонија. Сигурно одиме во следната фаза, а решавачко за ова ќе биде пристапот на репрезентативците на секој натпревар. Типувам дека ќе ја победиме Холандија, а со преостанатите две селекции ќе одиграме нерешено. Како што се приближува деби-натпреварот на Македонија така се зголемува и навивачката еуфорија. Едно е сигурно, во следните 30 дена ќе уживаме во фудбалот – вели скопјанецот Мартин Стефановски, голем фудбалски вљубеник.
Она што го прави посебно ова ЕП, е токму фактот што и Македонија ќе биде составен дел од едно вакво големо натпреварување. Првпат. Толку посакуваниот сон, кој тлееше кај многу генерации фудбалери и навивачи, конечно стана јаве. На европската фудбалска мапа, својата, но и судбината на другите репрезентации, сега рамноправно ќе ја крои и Македонија, нејзините фудбалери, кои се нашите нови спортски херои. Букурешт и Амстердам се градовите што ќе имаат можност да се уверат во нивната желба, мотив, енергија, синергија, да се остави што подобар впечаток на зелениот терен, да се отиде што понатаму на европската фудбалска сцена.
– Нов европски првак сметам дека може да биде Франција. За Македонија ќе навивам од дома, со студено пиво, со пријателите. Мислам дека ќе ја победиме Австрија во првото коло и ќе се пласираме во осминафиналето. Што и да направат, тие веќе се нашите херои, а кога ќе се вратат од ЕП знам дека ќе бидат уште попопуларни и при пречекот ќе имаат гратис обезбедување од мене и од моите другари – вели Тони Лазов, вработен во агенцијата за обезбедување УНА.
Македонија е дел од Европа и нејзиниот фудбалски глас сега рамноправно се слуша, за разлика од некои други сфери од животот. Македонската химна гордо ќе се свири, а нејзиното знаме широко ќе се виори придружено со извиците „Македонија, Македонија“ на навивачите на стадионите, но и на преостанатите, кои ЕП ќе го следат дома, пред телевизорите, во друштво или сами.
– Ќе се обложам дека Македонија ќе ја победи Австрија и ќе ремизира со Украина или со Холандија и ќе ја помине групната фаза. Натпреварите на Македонија ќе ги гледам од дома, можеби на некоја летна тераса, со друштво, да навиваме. Не ни помислував за некакво патување надвор од Македонија во вакви услови – вели Петре Срезовски, пензионер од Скопје.
Македонските фудбалери ќе настојуваат барем за миг да заборавиме на секојдневието, а сепак, да бидеме обединети со една цел и мисла – Европското првенство. А колку, пак, поддршката ќе биде поголема, толку успехот ќе биде поблизок. Секако, доволен мотив за нов спортски успех. Репрезентативците, предводени од Игор Ангеловски, покажаа една нова димензија од која треба да учат сите, а тоа се сплотеност, гордост, психолошка стабилност, верба во сопствените можности, љубов кон татковината… Пандев, Елмас, Алиоски, Адеми, Велковски, Барди, Димитриевски и преостанатите фудбалери, како и многупати досега и овој пат на своето прво ЕП со високо кренати глави ќе покажат што значи да се носи грбот на својата земја, чесно и пожртвувано да се брани црвено-жолтата боја.
Фудбалската магија може да почне. Пуштете ја „Унифорија“ да отскокнува. Време е сите да навиваме и да бидеме единствени како никогаш досега.
Comments