Македонија го почнува СП со дуел со Индија
ШАХ – ОХРИД ДОМАЌИН НА ЕКИПНОТО СП ЗА СЛЕПИ И ЗА СЛАБОВИДНИ ЛИЦА
Во Охрид, од денеска до 8 јули, ќе се одржи 9. Светско екипно првенство (СП) во шах за слепи и за слабовидни лица, со учество на 16 репрезентации, со вкупно 78 шахисти (еден ВМ, пет ИМ, еден женски ИМ, четири ФМ). Македонија обезбеди пласман на ова СП со освојувањето на 11-то место на Шаховската олимпијада (ШО) во Грција лани (се пласираа првите 16). Охрид во 2017 година беше домаќин и на ШО за слепи и за слабовидни шахисти. Во двете групи ќе се играат седум кола, на по четири табли, со темпо од 120 минути за цела партија. Најдобрите две селекции од двете групи одат во полуфиналето. Прворангирана пред СП е Полска (2.234 просечен рејтинг), а Македонија е 13-та (1.929). – Подготвени го дочекуваме СП. Досега одржавме два кампа, во Неготино и во Негорци, а во Охрид сме од 25-ти, каде што го одработивме и третиот камп. Наша шанса во групата се првите три кола, кога играме со Индија, Хрватска и со Италија, а потоа следуваат потешките противници Србија, Германија и Шпанија, но нема предавање. Фаворити за златниот медал во отсуство на Русија се Шпанија, Србија и Украина – ни изјави селекторот, ВМ Трајко Недев. Двојки, 1 коло: Жолта група: Полска – Косово, Романија – Франција, Украина – Словенија, Унгарија – Бугарија. Црвена група: Србија – Хрватска, Германија – Израел, Шпанија – Италија, Индија – Македонија. Г.И.
МАКЕДОНИЈА
ШАХИСТ РЕЈТИНГ Жарко Селковски 1.996 Миле Чапанов 1.951 Зоран Костадиновски 1.914 Санде Атанасов 1.853 Блаже Атанасовски 1.775 Трајче Димов 1.691 Селектор: ВМ Трајко Недев Секундант: ВМ Влатко Богдановски
コメント