top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Македонија го почнува патувањето кон нов настап на ЕП

ФУДБАЛ – ЛИГА НА НАЦИИТЕ, ТРЕТА СЕЗОНА

Со мечот Полска – Велс (од 18 часот) во лигата Ц, групата 4, денеска почнува третото издание на фудбалската Лига на нациите (ЛН), натпреварување во кое Македонија вторпат ќе игра во лигата Ц и за втор настап на европските првенства (ЕП), по дебито на шампионатот во минатата година. Лигата на нациите е дел од квалификациските циклуси во Европа за пласман на ЕП (во првата и во новата сезона) или за светските првенства (втората сезона). Македонија на ЕП 2020 се пласира преку ЛН, со победата во плејофот, а така на ЕП 2020 се пласираа и Унгарија, Словачка и Шкотска. Во плејофот за Светското првенство (СП) годинава, пак, настапија Чешка и Австрија. Групната фаза ќе трае до септември (четири кола во јуни, две во септември), а победниците на 12-те групи во лигите А, Б и Ц стекнуваат право да играат во плејофот за пласман на ЕП 2024. Од првостепено значење е редовниот циклус квалификации (од март в година), па ако некоја првопласирана селекција во ЛН директно се пласира на ЕП 2024 низ квалификациите, тогаш таа во плејофот ќе ѝ го отстапи своето место на следната репрезентација со најдобар пласман во групите во ЛН. Но победниците на групите во лигата А, секако, ќе играат на фајналфор-турнирот за третата титула на Лигата на нациите, во јуни в година. Трофејот го брани Франција, а прв победник на ЛН беше Португалија. На Европското првенство во 2024 година ќе се пласираат домаќинот Германија, 20 репрезентации на првите и на вторите места во 10-те квалификациски групи, како и три селекции што ќе победат во плејофот на ЛН, по една од секоја од лигите А, Б и Ц. – Овој квалификациски циклус нѐ води на ново големо натпреварување. Ова е нова можност и треба сите да бидеме максимално фокусирани за да ја искористиме шансата што ни се укажува за настап на европско првенство. Мислам дека за другите репрезентации ние сме фаворити, бидејќи резултатите што ги направивме го потврдуваат тоа. Не бегаме од таа улога и се надевам дека ќе ја оправдаме. Секогаш е добро кога нови млади фудбалери доаѓаат во репрезентацијата. Се надевам дека ќе дадат голем придонес и ќе биде сѐ како што треба – изјави Александар Трајковски, напаѓачот на македонската репрезентација, пренесе Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на својата интернет-страница. Македонија во првото коло на лигата Ц, групата 4, утре гостува во Бугарија, в недела и кај Гибралтар, а потоа следуваат два меча дома, со Грузија на 9 јуни и со Гибралтар на 12 јуни. Во лигата Ц играат и Турција, Луксембург, Литванија, Фарски Острови (група 1), Северна Ирска, Грција, Косово, Кипар (група 2), Словачка, Белорусија, Азербејџан и Казахстан (група 3).

Неколку дерби-средби во лигата А

Во првото коло на фудбалската Лига на нациите на програмата се неколку дерби-средби. Така, во најсилната, лига А, меѓу другите, се среќаваат Шпанија – Португалија (група 2, утре), Франција – Данска (група 1, в петок), Белгија – Холандија (група 4, в петок) и Италија – Германија (група 3, в сабота). Во второто коло, пак, меѓу себе играат финалистите од Светското првенство во 2018 година, Хрватска и Франција (в понеделник), а се среќаваат и Германија и Англија (во вторник), во реприза на осминафиналето на Европското првенство (ЕП) лани, а во третото коло е и дуелот помеѓу финалистите на ЕП 2020, Англија и Италија (11 јуни).

ЛИГА НА НАЦИИТЕ КАКО ДОПОЛНИТЕЛНИ КВАЛИФИКАЦИИ

СЕЗОНА РЕЗУЛТАТ 2018/2019 пласман на ЕП 2020 (Македонија, Унгарија, Словачка и Шкотска) 2020/2021 пласман во плејофот за СП 2022 (Чешка и Австрија) 2022/2023 пласман на ЕП 2024 (три селекции)

ЛИГА НА НАЦИИТЕ, ПОБЕДНИЦИ

2019 г. Португалија 2021 г. Франција 2023 г. ?


2 views

Comments


bottom of page