top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Македонија го зголеми салдото медали од медитерански игри

Борачот Магомедгаџи Нуров (категорија до 97 кг) во синоќешниот меч на Медитеранските игри (МИ) во Оран (Алжир), со Фејзулах Актурк од Турција, го бранеше златото од минатите МИ, во 2018 година во Тарагона (Шпанија). За бронзен медал синоќа се бореше и актуелниот европски првак, Владимир Егоров (до 65 кг).

На двата досегашни настапа на МИ, Македонија освои вкупно 11 медали, од кои по два златни и сребрени и седум бронзени. Во Тарагона во 2018 година со злато се закитија каратистот Берат Јакупи и борачот Нуров, со сребро таеквондистот Дејан Георгиевски, а со бронзи каратистите Ненад Келебиќ и Жарко Арсовски и борачот Дејан Митров. Во Мерсин во 2013 година сребрен медал освои борачот Дејан Богданов, а бронзени борачите Митров, Бобан Данов и Јасин Реџалари и боксерот Фатлум Жута.

Македонската машка ракометна репрезентација оствари убедлива победа во првото коло, против Грција, со 18 гола разлика, 39-21. Кај Македонците се истакнаа Мартин Серафимов со седум гола, Ненад Костески и Петар Атанасијевиќ со по пет гола. По дуелот со Грција, вчера следуваше натпреварот со домаќинот Алжир, утре е дуелот со Шпанија, а потоа и со Турција. Во другиот натпревар од групата, Алжир славеше на мечот со Турција, со 32-27, а Шпанија беше слободна.

Одбојкарите на Македонија, пак, го загубија и вториот меч на МИ 2022, од Италија, со 0-3 (19-25,16-25 и 23-25), идентично како и од Египет, 0-3 (23-25, 23-25 и 20-25).

На МИ 2022 настапуваат околу 3.500 спортисти од 26 држави, кои ќе се натпреваруваат во 24 спорта. Македонија третпат настапува на медитерански игри, сега со 77 учесници во 10 спорта, и тоа во таеквондо, џудо, борење, карате, атлетика, пливање, стрелаштво, мечување, ракомет и во одбојка. Л.Д


1 view

Comentários


bottom of page