top of page

Македонија 12. пат се вклучува во акцијата „Часот на планетата Земја“

15.03.2021 mart ponedelnik

Милиони луѓе во светот виртуелно ќе се обединат во испраќање заедничка порака за спас на планетата Земја в сабота, 27 март, кога ќе се одржи глобалната еколошка акција „Часот на планетата Земја“. Точно во 20.30 часот по локално време во мрак ќе потонат илјадници споменици во светот за да предупредат дека климатските промени се случуваат сега и тука. Со докази што упатуваат на тесна поврзаност помеѓу уништувањето на природата и светските пандемии како оваа на Ковид-19, „Часот на планетата Земја“ и Светскиот фонд за природа (WWF) оваа година ќе го искористат светскиот едночасовен мрак да алармираат дека зачувувањето на природата и биодиверзитетот, намалувањето на ефектот од климатските промени и одржливото живеење се пресудни за нашата иднина на оваа планета. Глобалните истражувања покажуваат на тоа дека светот не успеал да ги исполни целите за зачувување на биодиверзитетот во 2020 година, и тоа се случува веќе 10 години по ред. „Часот на планетата Земја“ како еколошка акција е клучна можност за поединците, невладините организации, бизнисите и сите други да ги повикаат светските лидери да го стават фокусот на зачувување на природата како најважната алка за опстанокот на животот на Земјата. „2021 година е клучна година за човештвото. Додека светот се обидува да закрепне од пустошот на пандемијата на Ковид-19 и да се изгради повторно, треба да ја ставиме природата во центарот на нашите напори за обновување за да си ја осигуриме нашата иднина на оваа планета. ‘Часот на планетата Земја’ е критичен момент за поединците, лидерите и еколозите да се обединат и да повикаат на итни мерки за да се врати загубата на природата и да се обезбеди природен позитивен свет до 2030 година“, вели Марко Ламбертини, генерален директор на Светскиот фонд за природа (WWF) Нашата земја 12 години по ред зема активно учество во еколошката акција за спас на Земјата обединувајќи стотици илјади луѓе во државата во едночасовниот глобален мрак. Официјално беше објавен и рекламниот спот, во кој поддршка дадоа Црвениот крст на РСМ и Здружението на извидниците на Македонија, како и голем број познати личности. Оваа година „Часот на планетата Земја“ ќе се одржи на 27 март (сабота) кога во 20.30 часот по локално време во мрак ќе потонат над 8.000 града во во повеќе од 180 држави во светот, а меѓу нив е и Македонија. Започнувајќи како симболичен настан во Сиднеј во далечната 2007 година, „Часот на планетата Земја“ сега се одбележува во повеќе од 180 земји и територии како глобален момент на солидарност за планетата.



 
 
 

コメント


bottom of page