Македониумот протекува, витражот бара странска експертска помош
- Aleksandar Santovski
- Mar 17, 2022
- 3 min read
Иако со години наназад се вршат активности за санација на „Македониумот“, сепак неговата состојба е незавидна. „Во 2021 година од Министерството за култура беа одобрени средства за конзерваторски интервенции на подот, а за годинава за непосредна заштита, реконструкција и конзервација на витражи и фасадна заштита на „купола“ споменик Илинден – Крушево (прва фаза) предвидени се два милиона денари“, велат за весникот ВЕЧЕР од Министерството за култура . Интересно е што австралиското списание „Architecture & Design“ го вброи овој објект во листата на 10 најуникатни згради во светот
За еден од најпознатите и најкомплексните споменични објекти во земјата „Македониум“, годинава се издвоени два милиона денари, средства што ќе бидат искористени да се спречи протекување во внатрешноста на објектот преку пукнатините во бетонот, додека за обновување на витражот, кој е во лоша состојба, ќе се бара помош од странски експерти. Иако со години наназад се вршат активности на овој заштитен споменик на културата, подигнат во чест на Илинденското востание во 1903, како и Првото заседание на АСНОМ во 1944 година, кој претставува симбол на македонскиот непокор, сепак неговата состојба е незавидна.
„Годинава ќе работиме надворешно на бетонскиот дел, за да се заштити со најсоодветни материјали. Ќе ги насочиме овие пари да се реши засекогаш овој проблем со влагата во објектот“, вели Благоја Атанасоски, директор на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Прилеп, установа надлежна за споменикот. Тој додава дека водата тече и од искршените витражи. Сепак, нивната обнова велат надлежните, е комплицирана и бара висока стручност што тешко може да се најде на овие простори. Атанасоски посочува дека токму втората фаза започнува со витражите, а веќе е направена и консултација со полските експерти кои стручно му пристапуваат на проблемот и предлагаат решенија за долг период.
“Тие ќе бидат вклучени во изработката на проектот со кој е предвидена поголема сума пари и сакаме да направиме нешто што ќе трае 100, 200, па и повеќе години. После витражите на ред е керамиката“, додава Атанасоски.
Споменичниот комплекс „Илинден“ или „Македониум“ е дело на уметниците Јордан Грабулоски и Искра Грабулоска, а се протега на површина од 12 хектари. Од Министерството за култура посочуваат дека за одржување на овој значаен споменик од историјата, неопходна е континуирана непосредна заштита и одржување на комплексот, како и преземање реконструктивни зафати, но и дека редовното се финансирала санација и конзервација на поедини сегменти од споменикот за кој на предлог на надлежната установа, од 2014 до денес, на годишно ниво се издвојувале средства за изведба на заштитно конзерваторски активности.
„Од 2014 година реализирано е тековно одржување на споменикот ‘Македониум-Илинден’ во Крушево, односно санација на потпорниот ѕид околу споменичниот комплекс, потоа изработен е елаборатот за валоризација, како и основен проект за негова реконструкција. Активностите на непосредната заштита отпочнаа во 2016 година и се одвиваат според усвоената динамика, а досега се направени интервенции на: платформа 1 – „Пранги”, платформа 2 – “Крипта” и платформа 4 – „Купола”. Во 2021 година одобрени се средства со кои се изведени конзерваторски интервенции на подот, а за годинава за непосредна заштита, реконструкција и конзервација на витражи и фасадна заштита на „купола“ споменик Илинден – Крушево (прва фаза) предвидени се два милиона денари“, велат за весникот ВЕЧЕР од Министерството за култура.
Инаку, од 2016 година до денес, од Буџетот на Министерството за култура за реализацијата на Основниот проект за реконзервација и тековно одржување на архитектурата и витражите на Споменикот „Македониум“ во Прилеп, додаваат, се издвоени 6.918.539 денари.
Инаку, споменичниот комплекс е сместен во прекрасниот предел на Крушево на надморска височина од 1.300 метри, на локација на која се смета дека била прогласена Крушевската Република во 1903 година. Овој споменик на културата заштитен со закон е отворен на 2 Август 1974 година на 30-годишнина на Првото заседание на АСНОМ и 71-годишнина на Илинденското востание. Постапката за изградба започнува во 1968 кога е формирана Комисија на собранието, а на 6 мај 1970 година е избрано идејно решение. Автори се брачниот пар Јордан (1925 – 1986) и Искра Грабулоски (1936 – 2008), а во осмислувањето на комплексот учествуваат и познати македонски сликари. Музејот кој е завршен со градба во 1974 година се состои од повеќе целини кои започнуваат од платото на Гумење и кои водат се до главниот Споменик каде што од 1990 почиваат останките на претседателот на десетдневната Крушевска Република, Никола Карев.
Споменичниот комплекс започнува со скулптурата „Раскинати пранги“, која ја симболизира слободата. Следи крипта во која се изгравирани 58 значајни личности, настани и локации поврзани со Илинденското востание. Тука е и отворениот амфитеатар опкружен со мозаици на познатиот македонски сликар Петар Мазев. Комплексот завршува со позната купола во бела боја, висока 12 метри. Влезната врата има симболична форма на буквата „М“, а во внатрешноста на објектот се наоѓаат осум релјефи групирани по два и симболично посветени на клучните процеси во македонската ослободителна борба во периодот од Илинденското востание до крајот на Втората светска војна. Внатрешноста на куполата импресионира и со четирите витражи (дело на познатиот македонски сликар Борко Лазески).
Австралиското списание „Architecture & Design“ го вброи овој објект во листата на 10 најуникатни згради во светот.


Comments