„Македокс“ ќе ја промовира новата ВОД-платформа на „Берлинале“
16.02.2024 Februari Petok
Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“, во рамките на европскиот филмски маркет на Берлинскиот филмски фестивал, на 18 февруари ќе ја промовира новата ВОД-платформа. Платформата ќе има цел во наредните две години да ѝ понуди на европската публика можност да погледне повеќе од 70 документарни филма од автори во подем.
– Платформата претставува една од активностите на мрежата на фестивали „Док араунд Јуроп“, чиј основач е „Македокс“, заедно со „Докс Барселона“ (Шпанија), ФИПАДОК (Биариц, Франција), „Док фест Муних“ (Германија) и „Верзио“ (Будимпешта, Унгарија). Како фестивал што доаѓа од земја со низок аудиовизуелен капацитет, „Македокс“ има цел да го промовира балканскиот документарен филм преку активностите на мрежата. Мрежата ги започна своите активности во 2020 година и има цел да ги промовира младите автори и авторите во подем. Во досегашните активности на мрежата беа опфатени повеќе од 80 филма и нивните автори, автори и продуценти со проекти во развој, како и други млади професионалци од областа на документарниот филм. Платформата има цел да промовира висококвалитетни европски документарци што ќе допрат до пошироката публика и да го зајакне нивното присуство на интернационалните маркети – велат од фестивалот.
Освен тоа што ВОД-платформата ќе биде отворена за публиката низ Европа, во нејзините рамки ќе биде креиран посебен дел наменет само за професионалци од филмската индустрија во Европа. Во овој дел, кој ќе има ограничен пристап зa индустријата, ќе бидат поставени дополнителни 100 документарни филма од автори во подем и млади автори, кои ќе им бидат понудени на дистрибутери, фестивалски селектори, ТВ и ВОД-платформи. Со ова, мрежата ќе им овозможи на самите таленти/филмови поголема достапност кон документарната индустрија, поголема видливост и зголемување на можностите за создавање и допирање до нова публика надвор од нивните национални територии, на ниво на европскиот континент и пошироко.
Komentáře