top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

„МакеДокс“ објави отворен повик за учество на работилница и на МакеКоПроДокс форумот

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ објави јавен повик за учество на работилница за развој на идеи со Туе Стен Милер, консултант за документарни филмови и филмски критичар од Данска, како и отворен повик за учество на МакеКоПроДокс форум 2022 за продуценти/автори со долгометражни креативни документарни проекти.

-Отворениот повик за работилницата со Туе Стен Милер е наменет за режисери и продуценти со кратки или долгометражни креативни документарни проекти во развој што се продуцирани или копродуцирани во Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Косово, Романија, Словенија, Србија, Турција, Хрватска и Црна Гора, информираат организаторите на фестивалот.

Работилницата ќе се одржи од 20 до 22 август и ќе содржи групна сесија и мастерклас, индивидуални сесии и групна сесија и презентација на проектите. Сите сесии од работилницата ќе се одржат во живо во Скопје, на англиски јазик. Работилницата е бесплатна. Учесниците треба сами да си ги покријат трошоците за пат и сместување.

Пријавата за учество се пополнува преку формулар објавен на веб-страната на „МакеДокс“, а рокот за пријава е до 15 јули 2022.

Отворениот повик за проекти на МакеКоПроДокс форум 2022 е наменет за продуценти/автори со долгометражни креативни документарни проекти.

-Форумот има за цел да развие стратешки план за зајакнување на копродукциите на документарниот филм помеѓу земјите од Балканот. На форумот ќе присуствуваат претставници од 12 регионални филмски агенции, документарни филмски професионалци и 10 проекти во различна фаза на продукција. Четвртото издание на МакеКоПроДокс форумот ќе се реализира во хибридна форма на 22 и 23 август, велат од МакеДокс.

За учество на форумот може да аплицираат продуценти/автори на документарни филмови со аудиовизуелни проекти во фаза на продукција или постпродукција од Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Косово, Романија, Словенија, Србија, Турција, Хрватска и Црна Гора.

Менторскиот дел за проектите се состои од работилница за пичинг со Бриџид O’Шеа, основач на Документарната асоцијација на Европа, како и пичинг сесии и еден-на-еден состаноци.

Изборот на доставените проекти ќе го изврши комисија за проценка, земајќи ги предвид критериумите за подобност. Резултатите ќе бидат објавени преку електронска пошта и на веб-страната на „МакеДокс“ не подоцна од 1 август.

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ ќе се одржи од 18 до 25 август во Скопје, фокусот на тринаесеттото издание на „МакеДокс“ е ставен на развој на идеи.


1 view

Comments


bottom of page