Маицата на „Диор“ во фокусот благодарение на Пенелопе Круз
22.10.2021 Oktomvri Petok
Марија Грација Кири, денеска уметничка директорка на модната куќа „Диор“, кога дојде на таа позиција во 2016 година, веднаш ги извести сите дека ќе се залага за родова еднаквост. Тоа не беше изненадување, со оглед на тоа дека таа е прва жена на почесната позиција во компанијата. Феминизмот е нејзиното мото, кое ја следи од претходниот период, кога нејзината работа ги поддржуваше жените зад скапоцените креации, но и идејата за активистките од 1970-тите години. Меѓутоа, сега издвојуваме едно парче, кое во основа е едноставно, но испраќа силна поддршка.
Белата маица со натпис „Сите треба да бидеме феминистки“, инаку дел од колекцијата пролет/лето 2017, е инспирирана од есеј и говор на нигериската писателка Чимаманда Нгози Адичи. За многу краток период стана тренд меѓу инфлуенсерките, како што се Кјара Ферањи и Ејми Сонг, и кога мислевме дека ќе помине во заборав, се случи нејзиното големо враќање. За тоа е одговорна актерката Пенелопе Круз, која ја носи во филмот „Паралелни мајки“, во режија на Педро Алмодовар. Покрај оваа маица, хероината има и други парчиња на „Диор“ во својот гардеробер, како што е јакната од претходната зимска колекција.
Многу е важно да се истакне дека реченицата напишана со црни букви е недвосмислена и нема датум на истекување. Покрај тоа, убаво е да се видат добро познати компании што се приклучуваат на неопходните промени во општеството и планетата воопшто. До пред неколку години, ова не беше случај.
Comentarios