Маестро Трпчески во Скопје засвири на „C.Bechstein“ пијаното
Во Скопје, поточно во пијано галеријата на „Кriterium music“, се одржа ексклузивен настап на маестро Симон Трпчески кој изведе неколку познати класични дела на пијано од германскиот премиум-бренд “C.Bechstein“ со повеќевековна традиција, а кој за првпат пристигна и во Македонија.
Токму по тој повод се одржа и првата јавна презентација на овој музички инструмент на кој свиреа едни од најпознатите класичари Артур Рубинштајн и Франц Лист, но и популарните музичари Фреди Меркјури и Елтон Џон.
А токму нашиот Симон Трпчески беше избран да биде првиот под чии прсти за првпат во историјата на Македонија ќе прозвучи C. Bechstein концертниот примерок, проследен со видео презентација за историјата и пијано градителството на фабриката C. Bechstein”. И токму на пијано од овој бренд, Трпчески во Берлин го снимаше својот музички материјал за најновото ЦД што се очекува наскоро да излезе.
Публиката имаше единствена можност да ужива во волшебниот звук на концертниот C. Bechstein, а воодушевеноста ја возврати со громогласен аплауз и овации кои траеја долго.
Од компанијата „Кriterium music“, велат дека ваквата пракса на одржување на концерти на овој инструмент на врвниот бренд ќе продолжи и во иднина, всушност пијано галеријата ќе биде место на кое и други познати музичари од македонската, но и светската музичка сцена ќе имаат можност да настапат.
Comentarios