Маестралниот Мето Јовановски замина во легендите, остануваат неговите култни улоги
Доајенот на македонското глумиште, актерот Мето Јовановски, почина вчера на 77-годишна возраст. Тој беше маркантна фигура на македонската театарска, филмска и телевизиски сцена, чии култни улоги ќе се паметат и прераскажуваат за навек.
По актерот Драган Спасов-Дац, кој прв ја објави тажната вест на социјалните мрежи со зборовите: „Мето Јовановски се пресели во легендите. Нека му е вечна слава“, вчера од Мето Јовановски се простија и останатите негови колеги и пријатели.
„Почина Мето Јовановски. Си одат големите. Тивко, на прсти, нечујно и неважно. Почина најголемиот од сите. Беше бура, одеше одважно, гласен на сцена и во кадар, беше најважното нешто од светот на актерството и уметноста што сум можел да го запознам и да работам. Мајсторе, беше чест да се биде од твоето време. Бог да прости. Вечнаја памја“, напиша режисерот Јани Бојаџи…
Актерот Мето Јовановски е роден во 1946 година во с. Панчарево, Пехчевско). Во 1971 година завршил Театарска академија во Софија, Бугарија, и истата година се вработил во Драмскиот театар во Скопје. Неговата глумечка кариера започнала на сцената на Народниот театар во Штип, каде што настапувал уште пред да се запише на студиите. Оттогаш, за многу кратко време, Мето Јовановски се истакнал како еден од водечките драмски уметници во Македонија.
Тој ќе остане запаметен по улогите во филмовите „Најдолгиот пат“, „Среќна Нова ’49“, „Опстанок“, „Тетовирање“, „Ругање со Христос“, „Колнати сме, Ирина“, „Оловна бригада“, „Црвениот коњ“, “Деца на сонцето“ и многу други со оглед на завидниот опус на филмски остварувања во кои се појавува. Улогите и репликите од овие филмови кои тој ги кажува, ќе останат запаметени како врвна актерска умешност која беше препознаена и наградувана.
Тој седум пати наградуван на Театарските игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, пет пати беше прогласен за Глумец на годината според списанието „Екран“,
четири пати Лауреат на наградата „Милтон Манаки“… Покрај Награда на градот Скопје „13 Ноември“, Мето Јовановски ги освои и највисоките државни награди, „11 Октомври“ за поединечно глумечко остварување (1980), „11 Октомври“ за долгогодишни, особено значајни остварувања од интерес на државата (1982), наградата „Св. Климент Охридски“, Златен венец на Фестивалот на Малите и експериментални сцени во Сараево (МЕСС), двапати за улогите во „Еригон“ и „Карамазови“, како и Златна маска од весникот „Вечер“ за улогата на Порфирие во „Злосторство и казна“ (Охридско лето)… Меѓу признанијата се и две Гран-при награди на Филмскиот фестивал во Ниш за остварувања во филмовите „Среќна нова `49“ и „Тетовирање“… И меѓу големиот број признанија за неговите маестрални изведби е и наградата на фестивалот „Јоаким Фест“ за претставата „My name is Goran Stefanovski” минатата година.
„Од дипломирањето во 1971 година, кога застана на сцената на Драмски со претставата „Што виде собарот“, во себе ја носеше истата жар за професијата. Мето замина во легендите само дваесет дена откако на 26 октомври бравурозно ја изигра својата последна претстава на „My name is Goran Stefanovski“.
Македонската и регионалната публика останува без актер кој ќе го памети по неговата харизма, а колегите актери по творечката енергија што ја пренесуваше до последниот свој здив“, посочуваат од Драмски театар Скопје.
Legenda> Сцена од „Тетовирање“
Леганда2: Во „My name is Goran Stefanovski”
Comments