Маестра Дијана Имери-Илкоска со успешен настап во Грузија заедно со врвниот Клаудио Вандели
03.10,2024 Oktomvri Sreda
Македонската диригентка, маестра Дијана Имери Илкоска, гостуваше во Грузија, каде што работеше како асистент диригент на славниот маестро од Италија, Клаудио Вандели. Нејзиниот ангажман овој пат, следуваше по минатогодишниот успешен концерт којшто го реализираше со Младинскиот оркестар „Гија Канчели“ во Грузија, од каде што доби покана повторно да соработува со ансамблот којшто се смета за еден од водечките младински оркестри во Европа.
Поканата дојде од страна на реномираниот фестивал за класична музика „Цинандали“, а нејзината соработка со маестро Вандели на крајот беше оценета мошне позитивно од страна на оркестарот, на публиката, од музичкиот директор на престижниот „Вербие“ фестивал и на фестивалот „Цинандали“, Џанандреа Носеда, од славниот виолинист Џошуа Бел и секако, од самиот маестро Вандели којшто напиша и свое видување за соработката.
Тој истакна: „Имери Илкоска успеа да го подигне оркестарот на многу високо ниво на изведба, остварувајќи успешна комуникација, притоа покажувајќи ги најдобрите индивидуални и колективни квалитети на изведувачите… Работеше со големо разбирање на оркестарската боја, стил, баланс и наративен концепт. Ми беше задоволство да соработувам со Дијана и да го видам нејзиниот талент, подготовка, професионализам, посветеност, страст и радост за создавање на музика. Токму оваа енергија е потребна на секој оркестар којшто сака да ги осветли делата на големите композитори…“
Маестра Имери-Илкоска, со голема радост го најави и нејзиното следно гостување во Софија, Бугарија, кога ќе застане зад диригентскиот пулт со престижната Софиска филхармонија, а во ноември ќе гостува во „Коларац“ во Белград.
Commentaires