top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Магдинчев: Радува борбената и квалитетна игра на Македонија, верувам во пласман на СП

15.04.2022 April Petok

Штета што не успеавме да забележиме победа по вчерашната одлична игра. Бевме одлични до 45-та минута, но серијата избрзани шутеви и технички грешки им помогна на Чесите да ја стопат нашата предност и да стигнат до изедначување, смета поранешниот селектор Ристо Магдинчев, коментирајќи го ремито на ракометната репрезентација на Македонија против Чешка (24-24), во првиот меч од баражот за пласман на Светското првенство (СП) в година.

Избраниците на селекторот и капитен Кирил Лазаров имаа одлично отварање на натпреварот во чешки Злин и највисока предност од седум гола (17-10), но не успеаја да слават.

– Ме радува добрата, борбена и квалитетна игра што ја прикажа нашиот национален тим, посебно кога во игра не беа Кирил Лазаров, Филип Миркуловски и Стојанче Стоилов. Младата постава што го почна мечот и што ја правеше разликата е идната репрезентација која што треба да биде темелот на тимот, нормално надополнета со уште неколку ракометари. Имаме квалитетни момци кои знаат и можат да одиграат на високо ниво. Имавме одлична одбрана и феноменална поддршка од Никола Митревски кој беше фантастичен одбранбен столб, а посебно сум радосен што Филип Талески од меч во меч станува оној вистинскиот, самоуверен, борбен и ефикасен ракометар – додаде Магдинчев, кој верува дека со борбена и сигурна игра на домашен терен, македонскиот тим не би требало да има проблем да обезбеди пласман на следниот Мундијал, кој би бил шести во низа за „црвено-жолтите“.

Капитенот-селектор Лазаров е задоволен од играта, но не и од резултатот.

– Мораме да бидиме задоволни од начинот на кој го одигравме натпреварот. Никој од нас не очекуваше дека во еден момент ќе водиме со седум гола разлика. На крајот имавме пад кој ќе не држи будни во реваншот. Знам дека ги изненадивме Чесите, но знам и дека ќе бидат подобро подготвени за реваншот. Жалам што не победивме барем со еден гол разлика. Тоа го заслуживме. Ако некој ни го понудеше овој резултат пред натпреварот, ќе го прифатевме со две раце, бидејќи имаме голема почит кон Чесите како селекција и Сабате како селектор -рече капитенот селектор Лазаров по мечот во Злин.

Најефикасен во македонскиот состав беше Филип Талески со пет погодоци, по четири пати погодија капитенот Лазаров и десното крило Гоце Георгиевски, а Никола Митревски на голот забележа 11 интервенции.

Реваншот ќе се игра в недела (од 19 часот), во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.



1 view

Comments


bottom of page