top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

„Луѓето од гаражите“ го отвора 12. „МакеДокс“

Филмската програма на 12. „МакеДокс“ ќе се прикажува на четири локации во Скопје, ќе содржи над 70 документарни остварувања во пет натпреварувачки категории, а сите филмови ќе бидат прикажани на филмско платно и нема да има онлајн проекции. Исклучок ќе бидат активностите поврзани со работилниците, мастеркласовите и МакеКоПроДокс форумот, кои ќе се одржат онлајн

„Што сега“ или „Where do we go now“ е мотото на 12-то издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ што ќе се одржи од денес до 26 август во Скопје. Фокусот на годинашното издание ќе биде насочен кон дистрибуцијата на документарниот филм, со посебен акцент на промоцијата на филмовите низ фестивалите во Европа. Фестивалската програма ќе се прикажува на четири локации: во Куршумли-ан, Младинскиот културен центар, Музејот на современата уметност и Музејот на Македонија.

Како што посочува Дарко Набаков, извршен директор на фестивалот, мотото „Што сега“ симболизира преиспитување што и како да правиме отсега, па натаму. „Во изминативе две пандемиски години сите имаме некоја желба да патуваме или да се поместиме од место, но сите бевме вкоренети на едно исто место. Таквата состојба нè поттикна да размислуваме околу тоа што сега да направиме и да се преиспитаме како ќе продолжиме да живееме понатаму“, вели Набаков.

Филмската програма на 12. „МакеДокс“ содржи над 70 документарни остварувања во пет натпреварувачки категории – Главна програма, Нови автори, Кратки документарни филмови, Студентска програма, како и програмата Етички идеи. На фестивалот ќе се доделат пет награди („Кромид“,„Млад Кромид“, „Сецкан Кродмид“,„Кокарче“ и награда за етички идеи), а во комисиите за награди членуваат 15 интернационални професионалци од документарниот свет. Надвор од компетиција се фестивалските програми: Земја во фокус (годинава е Украина) и Програмата за деца и младинци.


Според организаторите, на фестивалот најавени се околу 30 гости од странство. Сите филмови ќе бидат прикажани на филмско платно и нема да има онлајн проекции. Исклучок ќе бидат активностите поврзани со работилниците, мастеркласовите и МакеКоПроДокс форумот, кои ќе се одржат онлајн. Предвиден е мастерклас со Хајно Декерт, еден од најуспешните европски дистрибутери на документарни филмови.

Фестивалот ќе биде отворен вечерва во Куршумли-ан со документарниот филм „Луѓето од гаражите“ на режисерката Наталија Јефимкина од програмата Нови автори. Во рамките на истата програма ќе бидат прикажани 10 филмови, а меѓу нив се и два документарни филмови што беа развивани на МакеКоПроДокс форумот во текот на изминатите две години. Главната програма содржи 8 филмови, а во селекцијата на Кратки документарци има 17 остварувања, додека во Студентската програма ќе се прикажат 7 филмови. Програмата за деца и младинци, пак, вклучува 20 филмови, од кои 9 ќе бидат кратки анимирани филмови од Норвешка, како и три кратки филмови од документарната школа „Докуникулци“ на „МакеДокс“.

Десет (10) нови документарни украински филмови ќе бидат прикажани во програмата Земја во фокус, а на фестивалот ќе гостуваат и автори на филмовите. „Последните неколку години Украинците напредуваат на светската документаристичка мапа правејќи силен пробив на фронтот на најважните светски фестивали за документарен филм, освојувајќи бројни награди и големи симпатии од филмската критика и публика со својата најнова документаристичка продукција, секако, поддржана со засилена промоција од најзначајниот украински фестивал за документарен филм Docudays UA International Human Rights Documentary Film Festival и Украинскиот институт“, истакнува Петрула Велјановска од „МакеДокс“.

На МакеКоПроДокс форумот, што ќе се одржи онлајн од 23 до 25 август, присутни во Скопје ќе бидат модераторите Хеле Хансен, Бриџит О’Шеа и Зејнеп Ѓузел. „Главна цел на форумот е развој на стратешки план за зголемување на копродукциите на документарните филмови меѓу балканските земји. Форумот вклучува претставници од 12 регионални филмски агенции, документарни здруженија, документарни професионалци и 10 проекти во различни фази на продукција избрани преку отворен повик“, посочува Сара Ферро, координаторка на МакеКоПроДокс форумот.

На фестивалот секој ден од 18 часот во Куршумли-ан ќе се одржуваат и познатите „Разговори под смоквата“.


1 view

Comments


bottom of page