Луис Енрике: Дембеле ме одби пред неколку години, овој ПСЖ не е оној што го имам замислено!
„Групата на смртта“ носи нови две возбудливи пресметки утревечер во Лигата на шампионите и после петтата рунда ќе биде многу појасно кој има шанси за осминафиналето, од едноставна причина што сите четири тима сами одлучуваат за својата судбина. На две кола пред крајот, сите четири екипи имаат шанси за нокаут фазата, но на крајот ќе има место само за две од силната конкуренција во која се најдоа ПСЖ, Милан, Борусија и Њукасл. ПСЖ утре на домашен терен ќе бара одмазда во пресметката со Њукасл за поразот во Англија, а доколку го направи тоа, ќе биде на чекор од пласман во нокаут фазата. Луис Енрике како тренер на ПСЖ најави дека има огромни очекувања од своите фудбалери, но посебно од Усман Дембеле кој влезе во препознатлива форма на последните средби. – Го познавам Дембеле уште од времето кога бев тренер на Барселона. Сакав да го донесам уште додека беше во Рен, но тогаш ме одби. Имаше многу конкуренција во Барселона и реши дека треба да избере друг пат. После толку поминати години, сега имам шанса да го гледам секој ден. Тој е поразличен играч од сите, го напаѓа просторот и многу е непредвидлив. Веќе кажав, тој е најдобриот играч во светот кога е во прашање вадењето од рамнотежа на противникот. Кога тој ја прима топката, двајца негови соиграчи секогаш се слободни и поради тоа нема друг европски играч кој прави поголема разлика од него, – изјави Луис Енрике, кој смета дека овој тим на ПСЖ уште не е на нивото кое тој го замислил. – Овој ПСЖ не е оној што јас го имам замислено. Искрен сум и сметам дека се уште сме во процес на истражување, се уште учиме многу работи за себе. Далеку сме од тоа што го имам замислено во ПСЖ, но презадоволен сум и пресреќен од тоа со што располагам. Имаме голем потенцијал и мислам дека сме на вистинскиот пат, – заврши Лучо.
Opmerkingen