top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

„Луѓето, за да преживеат, ткаат приказни. Тие се ’рбетот на нашиот идентитет“, Пораката на Стефанов

„Луѓето, за да преживеат, ткаат приказни. Тие се ’рбетот на нашиот идентитет“, Пораката на Стефановски преведена и на јазици кои се говорат надвор од ЕвропаПреводите на пораката, деновиве, во видео-формат ќе се објавуваат на социјалната мрежа Фејсбук на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, а ќе бидат претставени со прочит на преведувачите од странство – студенти по македонистика на странските универзитети

„Сите живи суштества се раѓаат со инстинкт за преживување. Пајаците, за да преживеат, ткаат мрежи. Луѓето, за да преживеат, ткаат приказни. За нас нема ништо поважно од овие приказни. Тие се сржта на нашиот живот, ‘рбетот на нашиот идентитет.“ Ова е пораката од последниот есеј „Искра што се измолкнува“ на Горан Стефановски, која откако минатата година одекна на сите јазици на Европската Унија (ЕУ), годинава ќе одекне во превод од македонски и на уште низа други. Виетнамски, корејски, турски, руски и српски се дел од јазиците на кои веќе е преведена тестаменталната порака на истакнатиот македонски драмски автор и есеист, а се очекуваат и уште неколку други преводи. Со ова, пораката на Стефановски ќе биде достапна и на јазици кои се говорат надвор од ЕУ, вклучително и на јазици кои се говорат воопшто надвор од Европа.

Нгуен Ти Пуонг Ни.

Преводите деновиве во видео-формат ќе се објавуваат на социјалната мрежа Фејсбук на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (https://www.facebook.com/msmjlk), при што пораката на Стефановски ќе биде претставена со прочит на преведувачите од странство – студенти по македонистика на странските универзитети. Веќе е објавен првиот превод на пораката – од македонски на виетнамски јазик. Преводот го подготви Нгуен Ти Пуонг Ни, која македонскиот јазик го учи на Универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта.

Инаку, МСМЈЛК и по заокружувањето на чествувањето на 70-годишнината од раѓањето на Стефановски, остварувајќи една од своите цели – афирмација на македонските културни вредности во странските академски и културни средини преку соработката со филолозите од странство, продолжува со активности за вреднување и афирмирање на неговото дело.

-Должни сме македонските културни достоинства да ги вреднуваме и афирмираме постојано, а не само тогаш кога се случуваат одредени јубилеи кои се значајни за македонската култура. Затоа и не запревме со активностите кои ги остваривме во чест на Стефановски во 2022 – годината кога се навршија 70 години од неговото раѓање, туку продолжуваме и понатаму, како впрочем и до афирмацијата и вреднувањето на творештвото на сите македонски автори чиешто творештво и се изучува во рамките на наставата на странски универзитети. Оваа, конкретна активност е и симболична, но и активностите во ваков формат придонесуваат за натамошен продлабочен интерес за македонистиката во странство, неретко и со нови научноистражувачки и преведувачки потфати, како и воопшто за јакнење на релациите меѓу македонската и другите култури, истакнува директорката на МСМЈЛК, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.

Да потсетиме, пораката на Горан Стефановски, со проект на Делегацијата на ЕУ во Скопје, Европската куќа во Скопје и во соработка со МСМЈЛК, минатата година беше преведена на сите јазици на ЕУ. Учесници на Меѓународната научна конференција, работилниците и школите на МСМЈЛК подготвија 15 од преводите, со кои симболично, во пресрет на новогодишните и божикните празници беше украсено и Горановото Дебар Маало. И овие преводи беа промовирани во видео-формат.

Во чест на Стефановски, МСМЈЛК минатата година ја одржа Втората зимска школа, а посебно внимание на неговото творештво беше посветено и на 55. Летна школа, со одделно предавање и во рамките на лекторската настава по литература. На творештвото на Стефановски му беа посветени и есии на минатогодишната, 49. Меѓународна научна конференција, која беше и прв научен собир посветен на истакнатиот македонски драмски автор и есеист по неговото физичко заминување. Во рамките на своите изданија, годинава МСМЈЛК ќе објави преводи на дел од текстовите на Стефановски од книгата „Конзервирани импресии“, а ќе биде објавен и зборник со научноистражувачки трудови кои се однесуваат на неговото творештво и претставуваат негови нови исчитувања, кои произлегуваат од минатогодишната Меѓународна научна конференција.

МСМЈЛК при УКИМ, годинава, со Третата зимска школа, пак, го започна чествувањето на јубилејот 100 години од раѓањето на великанот Ацо Шопов. Школата беше прва остварена активност од националната програма „2023, Година во чест на Ацо Шопов“, а Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура планира и други активности во чест на Шопов во текот на годината.



0 views

Comments


bottom of page