Лојалноста на Антетокумпо е наградена со шампионски прстен
Имаше незавршена работа, а останувањето во Милвоки значеше дека ќе биде средена по потешкиот пат, кажа Јанис Антетокумпо по неговиот извонреден настап со кој кошаркарите на Милвоки бакс ги совладаа Феникс санс со 105-98 за да слават во НБА-финалето со 4-2 во победи. Грчкиот кошаркар забележа 50 поени, 14 скока и пет блокади во победата со која Милвоки стана НБА-шампион по вторпат, по 50 години пауза од првиот трофеј.
Антетокумпо беше прогласен за најкорисен кошаркар на финалната серија со просек од 35,2 поени, 13,2 скока, пет асистенции, 1,2 украдени топки и 1,8 блокади со реализација од поле од 61,8 отсто, што претставува најголемо достигнување во неговата кариера која почна во грчката Втора лига пред да биде избран како 15-ти пик на драфтот во 2013 година од страна на Милвоки. Неговата лојалност кон бакс сега е наградена со шампионски прстен.
– Едноставно не можев да заминам. Имаше незавршена работа. Ова е мојот град. Тука имаат доверба во мене. Веруваат во мене, во нас. Лесно е да се оди на друго место и да се освои шампионскиот трофеј со некој друг. Лесно е. Јас можев да заминам во супертим и само да ја одиграм својата улога и да освојам прстен. Но ова е потешкиот и вистинскиот начин – кажа Антетокумпо кој во декември минатата година потпиша нов договор со Милвоки.
Бакс во претходните две сезони беа доминантни во регуларниот дел, но не успеваа да го преточат успехот и во плејофот. Но во шампионскиот поход тие добија две серии во кои ги загубија првите два меча (од Бруклин нетс во втората рунда и од Феникс во финалето). Згора, Антетокумпо надмина и повреда на коленото во финалето на Источната конференција против Атланта.
Comentarios