Лондонскиот музеј враќа 72 артефакти во Нигерија
Лондонскиот музеј „Хорниман“ се согласи да ги врати во Нигерија артефактите земени во 19 век од Кралството Бенин. Сопственоста на 72 предмети ќе биде пренесена на нигериската влада, вклучувајќи 12 месингани плочи, месинган петел, церемонијални предмети од слонова коска и месинг, месингани ѕвона, како и клуч од кралската палата, пренесе „Гардијан“.
Одлуката следува по барањето за враќање на предметите од нигериската национална комисија за музеи и споменици во јануари.
Од музејот во југоисточен Лондон велат дека се консултирале со посетители, училишта, академици, експерти за наследство и уметници со седиште во Нигерија и Велика Британија.
– Беа земени предвид сите нивни ставови за иднината на предметите од Бенин, заедно со нивното потекло – објаснуваат од музејот, додавајќи дека е морално и соодветно да се вратат.
Во последниве години се зголеми политичкиот притисок врз европските влади и музеи да ги вратат ограбените артефакти.
Comments