ЛОИ – натпреварувањата почнаа, утре отворање, не се исклучува откажување…
22.07.2021 Juli Cetvrtok
Првиот човек на Организацискиот комитет (ОК) на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио, Тоширо Муто, не ја исклучува можноста за откажување на Игрите во последен момент. Зголемениот број случаи на новозаразени со ковид-19, со што вкупниот број достигна над 70 лица, им создаде големи проблеми на организаторите. На прашањето на прес-конференција за тоа дали Летните олимписки игри, кои треба да бидат отворени утре, уште можат да бидат откажани, Муто рече дека ќе се внимава на бројот на нови инфекции и ќе се разговара со организаторите доколку е потребно. – Не можеме да предвидиме што ќе се случува со бројката на нови случаи. Значи, ќе продолжиме со дискусиите ако има зголемување на тие бројки. Се договоривме дека врз основа на ситуацијата со коронавирусот, повторно ќе свикаме разговори. Во моментов, случаите на коронавирус може да се зголемат или да се намалат, па ќе размислиме што треба да сториме ако биде неопходно – изјави Муто. Игрите, одложени минатата година поради пандемијата на коронавирусот, ќе се одржат без гледачи за да се минимизира ризикот од понатамошни инфекции. Томас Бах, претседателот на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), ја бранеше одлуката за презакажување на Игрите за летово на 138-от конгрес на ИОК во Токио. – Откажувањето ќе беше најлесниот начин за нас. Можевме да го искористиме осигурувањето што го имавме во тоа време и да се пренасочиме на Париз во 2024 година. Но откажувањето никогаш не беше опција за нас, ИОК никогаш не ги напушта спортистите. Замислете за момент што ќе значеше тоа. На многуте сомнежи околу Олимписките игри, тоа ќе беше како да истурате бензин врз оган. Олимписките игри можеа да се распаднат – изјави Бах.
Бразилката Формига рекорден седми пат игра на ЛОИ
Бразилката, 43-годишна Формига, го запиша своето име во книгите на рекорди како прва фудбалерка што учествувала на седум летни олимписки игри (ЛОИ). Таа беше дел од тимот на Бразил на мечот против Кина (5-0) на стадионот „Мијаги“ во Рифу. Формига, која дебитира за Бразил на Светското првенство (СП) во 1995 година, на 17 години, играше на секој олимписки турнир откако женскиот фудбал дебитира на ЛОИ во Атланта во 1996 година. Играчот за врска на Сао Паоло, посакува кариерата да ја заврши со златен медал, освојувајќи претходно две сребра, во Атина во 2004-та и во Пекинг во 2008 година. На Игрите во Рио во 2016 година домашниот тим го загуби полуфиналето од Шведска (3-4, на пенали) и мечот за бронзениот медал од Канада (1-2). Бразил на ЛОИ 2020 во Токио е во групата Г, заедно со Кина, Замбија и со Холандија.
Comments