ЛОИ 2024 олиписки игри по Парис Франција почнуваат со невидена церемонија на отворање
26.07.2024 Juli Petok
Летните олимписки игри во Париз официјално ќе почнат вечерва (од 20 часот) со невидена церемонија на отворање на реката Сена. Првпат церемонијата на отворањето на Игрите нема да се одржи на стадион, а наместо тоа, околу 85 брода ќе превезуваат речиси 7.000 спортисти на пловечка парада на Сена долга шест километри, во срцето на Париз, пишува агенцијата „Ројтерс“. Поаѓајќи од мостот „Остерлиц“, тие ќе пловат покрај катедралата Нотр Дам и ќе пристигнат во близината на Ајфеловата кула, откако ќе поминат под мостовите и портите и во близина на многу знаменитости на француската престолнина.Организаторите ветија шоу како ниедно друго, велат дека ќе биде смело и радосно и ќе ги искористат историските споменици, бреговите на реките, небото и водата „и нема да има ниту еден брег или мост што нема да биде исполнет со музика, танц или изведба“, пишува „Ројтерс“. Околу 80 огромни екрани на патот ќе го емитуваат шоуто, кое ќе вклучува пловечка парада на спортисти и уметници, а се очекува да има и танчари што ќе настапуваат од покривот на зградите по должината на Сена.Претставата ќе ги преплетува парадата на спортистите, уметничките изведби и елементите на протоколот, рече Томас Џоли, уметнички директор на свеченото отворање.
Деталите, вклучувајќи и кој ќе го запали олимпискиот пламен за да го означи почетокот на Игрите, или кои уметници учествуваат, се чуваат во тајност. Шоуто ќе го следат повеќе од 300.000 гледачи од брегот на реката, соопштија организаторите. Бродовите што ги превезуваат спортистите ќе бидат опремени со камери за да им овозможат на оние што гледаат на ТВ или на нивниот телефон да добијат поглед одблиску, соопшти Комитетот, пренесе „Ројтерс“.Организирањето на церемонијата во срцето на град како Париз може да направи одлични слики, но, исто така, е голем безбедносен предизвик. Околу 2.000 лица приватен персонал за обезбедување и 45.000 полицајци ќе бидат испратени за да ја обезбедат безбедноста на церемонијата, вклучувајќи ги и специјалните интервентни сили, пишува „Ројтерс“. Гледачите и локалните жители треба да носат дозволи на кју-ар код за да стигнат некаде во близината на речните брегови. Автомобилите нема да бидат дозволени во областа, со неколку исклучоци, околните метро-станици ќе бидат затворени, како и многу мостови, ниту еден авион нема да смее да лета над Париз, освен ако не е дел од церемонијата, пишува „Ројтерс“. Н.М.
Comments