top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

„Лирскиот дом на Шопов – отворени образовни и културни ресурси“

Во организација на Катедрата за македонска книжевност и култура при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, денеска ќе се одржи настанот „Лирскиот дом на Шопов – отворени образовни и културни ресурси“.

Со овој настан ќе бидат одбележани два јубилеа – 70 години од објавувањето на стихозбирката „Стихови за маката и радоста“ и 40 години од смртта на поетот Ацо Шопов, со што ќе започне литературната манифестација „Денови на македонската литература“ во организација на Катедрата.

Акцентот на настанот ќе биде ставен на повеќејазичната веб-платформа „Лирскиот дом на Ацо Шопов“ – отворен, интернетски ресурс преку којшто е достапен голем дел од творештвото на Шопов, голем фонд на документи и податоци, како и критички одгласи за неговата поезија и голем обем на видеоматеријали и фотодокументација.

Целта на настанот е да придонесе за поголема достапност на платформата за книжевните истражувачи, лингвистите и преведувачите, како и за студентите и воопшто за македонската академска заедница во целина.

На настанот, поздравни обраќања ќе одржат деканката на Филолошкиот факултет, проф. д-р Анета Дучевска, продеканката, проф. д-р Маја Бојаџиевска и раководителката на Катедрата за македонска книжевност и култура, проф. д-р Кристина Николовска.

Реч за поетот Шопов и за веб-платформата „Лирскиот дом на Ацо Шопов“ ќе одржи проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, по што ќе следи и презентација на веб-платформата, којашто ќе ја оствари Јасмина Шопова, толкувач и препејувач, но и ќерка на поетот и носител на проектот за создавање на повеќејазичната веб-платформа.

Ацо Шопов е еден од основоположниците на современата македонска поезија – автор и на првата поетска книга на македонски јазик во слободна Македонија („Песни“, 1944), но и автор којшто се вбројува во редот на најеминентите поети во Југоисточна Европа во XX век. Стихозбирката „Стихови за маката и радоста“, објавена пред точно 70 години е едно од неговите позначајни дела, едновремено многу значајно и за историјата на современата македонска книжевност – прва македонска поетска книга со исповеден тон, којашто ја поттикна големата книжевна конфронтација меѓу интимистите и реалистите во македонскиот книжевен простор.


1 view

Comments


bottom of page